Владата контра родителите од Кочани, велат се правело злоупотреба на трагедијата

Преку соопштение, Владата апелира „да не се прави сензација од средба наменета за поддршка и сочувство“

Отворено писмо до јавноста на Здружението 16 март од Кочани каде се родителите на загинатите и повредени деца од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани предизвика лавини реакции во јавноста.

Имено, според тврдењата на родителите, на средбата на седми јули во Владата премиерот Христијан Мицкоски освен што не бил навреме информиран за барањата на Здружението, туку директно ги прашал родителите да одредар цена за нивните починати деца.

„Тоа беше моментот кога болката премина во чиста неправда. Овие зборови ќе одекнуваат засекогаш во нашите срца, како уште една смрт – смрт на достоинството“ се наведува во отвореното писмо на Здружението.

12 часа подоцна, денеска околу 13 часот стигна и реакција од Владата.

Преку соопштение, Владата апелира „да не се прави сензација од средба наменета за поддршка и сочувство“ и ги демантира тврдењата на родителите

„Не се точни наводите пренесени во дел од медиумите за состанокот со роднините на загинатите од кочанската трагедија. Во моментот се прави злонамерно дефокусирање и злоупотребување на трагичната судбина. Владата е тука за семејствата, за сè што им е потребно и секогаш ќе биде со нив дури и кога за некои работи ќе имаат различни мислења.

Владата жали за впечатокот кој некои го добиле, но тие средби досега не се ни први, а ни последни и апелираме да не се прави сензација од средба наменета за поддршка и сочувство. Тоа беше втора средба со семејствата и ние би потсетиле дека премиерот за време на средбата од почетокот и до крајот разговараше и се поздрави изразувајќи сочувство со сите присутни поединечно и низа други гестови и иницијативи и работи кои од етички и човечки причини навистина не сакаме да бидат предмет на јавна дискусија затоа што се интимни и длабоко приватни и ние тоа сакаме да го почитуваме.

Сведување на дискусијата на „здраво како сте” и „колку чини” не само што не ја одразува вистинската дискусија и намера, туку е навредливо и се обидува да фрли сосема погрешно светло на намерите и постапките на Владата, определувајќи ги како длабоко нечовечни што е несоодветно и неточно“ се наведува во соопштението.

Случајот тапка во место

Четири месеци по трагедијата во која загинаа 62, а повредени беа над 200 лица, судскиот процес се уште не е започнат.

Истрагата која траеше неколку месеци резултираше со подигање обвинение против 34 лица, а предметот наместо во Судот во Кочани, е префрлен во Кривичниот суд во Скопје, но рочиште се уште не е закажано, а во меѓувреме започна и летната судска ферија.

Истовремено, во Кочани со месеци секоја сабота родителите на загинагите и повредените организираат „Марш за ангелите“ барајќи правда од надлежните институции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни