Владата и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) постигнаа договор за постепено зголемување на платите на околу 11.000 административни работници, кои до 2028 година ќе бидат зголемени за вкупно 40 отсто.
Договорот беше соопштен на денешната прес-конференција во Владата, каде што беше истакнато дека за реализација на зголемувањето ќе бидат потребни повеќе од 10 милиони евра годишно од државниот буџет.
Претседателот на УПОЗ, Трпе Деановски, изјави дека договорот е резултат на долготрајни преговори со Владата.
„По година и половина барања и преговори, постигнавме договор. За 11.000 вработени ќе се потпишуваат годишни колективни договори, со јасна методологија за покачување на платите“, рече Деановски.
Премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека договорот ги опфаќа вработените во државната администрација, судовите и обвинителствата.
„Ќе треба да обезбедиме над 10 милиони евра годишно за покачените плати. Владата го заврши својот дел од обврските, а сега очекувам зголемена ефикасност на администрацијата. Лично, секој месец ќе го следам нивото на ефикасност. Доколку платите растат, мора да расте и квалитетот на услугите за граѓаните“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека општиот колективен договор е истечен, но Владата е подготвена повторно да седне на преговарачка маса со синдикатите за да се донесе нов договор.
