Влада Урошевиќ го доби „Златниот венец“, вечерва се затвораат Струшките вечери на поезијата

Наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ синоќа беа врачени на Мостот на поезијата во Струга со што свечено беше затворено 62. издание на меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“. Им беа врачени на годинешниот лауреат и добитник на „Златен венец“, поетот Влада Урошевиќ, на добитникот на наградата „Мостови на Струга“, Гевин Бредли и добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2023 година, Димитар Башевски.

Денес е последниот фестивалски ден, кој ќе биде одбележан со „Поезија на пат“, поетско читање во Домот на културата „Наум Наумовски Борче“ во Крушево, а фестивалот официјално ќе заврши со Меѓународен поетски митинг на платото пред Музејот на современа уметност во Скопје.

Вечерта се заокружи со интернационалното читање „Мостови“, на кое настапија бројни странски и домашни автори. Читањето беше прекинато поради дождот, меѓутоа за кратко време поетите се вратија на сцената.

На фестивалот „Струшки вечери на поезијата“, кој годинава се одржува од 24 до 28 август под мотото „Чувствотворен јазик“, настапија повеќе од 25 странски и 40 домашни поети од постарата, но и од помладата генерација.

Во рамки на програмата во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид се одржа поетски портрет на лауреатот на наградата „Златен венец“, Влада Урошевиќ.

На истата локација се одржа и свечен настан по повод јубилејот – 100 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов, чие чествување се одбележа и со изложба на фотографии поврзани со неговото учество на „Струшките вечери на поезијата“ и неговиот придонес за основањето и развојот на фестивалот.
Во рамки на програмата на СВП беше организиран и специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „Версополис“.

По повод јубилејот „200 години од раѓањето на Шандор Петефи“, во рамки на програмата на СВП беше отворена изложба за животот и делото на овој унгарски поет.

Во чест на јубилејот 60 години од востановувањето на наградата „Браќа Миладиновци“, оваа година беше издадена Антологија за поезијата и флората, насловена „Меѓу дрвјата“ чиј приредувач е македонскиот поет и философ Иван Џепароски.

Најново

Последни колумни