Влада ќе расправа за новиот закон за пушење: Тераси со две отворени страни и одвоени зони за пушачи

Предлог-измените на законот за пушење ќе се најдат на седница на Владата во вторник, 24 март, најави министерот за здравство Азир Алиу. Новото законско решение носи промени кои треба да овозможат појасна поделба меѓу простори за пушачи и непушачи во угостителските објекти.

Меѓу клучните новини се тераси со најмалку две отворени страни, подвижни кровови, како и одвоени влезови за деловите за пушачи и непушачи. Според најавите, овие решенија се резултат на усогласување меѓу здравствените експерти и угостителите, процес кој, како што посочува министерот, придонел за одложување на измените.

Алиу нагласува дека направена е детална анализа за условите под кои еден простор може да се смета за зона за пушење или непушење. Според здравствената фела, тераси со доволна отвореност овозможуваат природна циркулација на воздухот, што го намалува ризикот за непушачите, а истовремено се води сметка и за економскиот интерес на угостителите.

Целта на измените е да се обезбеди заштита за граѓаните кои не пушат, но и да се овозможи функционален простор за пушачите. Министерот изрази очекување дека новите правила ќе придонесат за значително намалување на бројот на пушачи во земјата – од сегашните околу 45% на приближно 20% во наредните две години.

Податоците од невладините организации покажуваат дека цените на цигарите во Македонија остануваат меѓу најниските во регионот, со просек од околу 1,7 евра за кутија, во споредба со 2,1 евро во Југоисточна Европа и околу 4,9 евра на европско ниво.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни