Македонското министерство за надворешни работи информираше и надворешна трговија, дека вкупно 28 лица се пријавиле да бидат евакуирани од Израел и дека евакуацијата ќе се врши со владинин авион. Од таму информираат дека најдоцна до утрешниот ден, осум наши државјани, од кои четири деца, ќе заминат во Египет и со авион на Владата, придружени од безбедносен конвој ќе пристигнат во Скопје.
Во моментов во соработка со амбасадата во Каиро, персоналот активно ги финализира подготовките за првата група, односно ја обезбедува потребната документација, логистика и организација на безбеден конвој за трансфер кон Египет.
Втората група се очекува да го напушти Израел и да замине кон нашата држава веднаш по воспоставување редовен авионски сообраќај од Тел Авив. Со оглед на прекинот со воздушниот сообраќај со Израел, во оваа фаза евакуацијата ќе се реализира со авион во сопственост на Владата кој ќе обезбеди транспорт за првата група државјани кои изразија подготвеност веднаш да ја напуштат територијата на Израел.
ОД МНРиНТинформираат дека персоналот на нашата Амбасада се наоѓа на безбедна локација и останува постојано на располагање на македонските граѓани. Проценките се дека околу 100 наши државјани се наоѓаат на територијата на Израел.
МНРиНТ вчера апелираше поради влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, сите државјани на Македонија кои се наоѓаат на територијата на Израел и Иран, доколку им е потребна конзуларна помош, веднаш да стапат во контакт со надлежните институции преку дежурните (СОС) телефонски броеви.

Воедно, оттаму апелираа до сите државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион, сè до подобрување на безбедносната состојба.
За помош и асистенција, граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив – Тел: +972 54 500 8566 / +972 54 967 0546 Е-пошта: telaviv@mfa.gov.mk.
Понатаму, Министерство за надворешни работи и надворешна трговија Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736, Е-пошта: globalsos@mfa.gov.mk.
Оттаму додаваат дека во рамки на Министерството е формиран кризен штаб кој континуирано ја следи состојбата и е достапен 24 часа дневно за сите потреби поврзани со помош, поддршка и асистенција.
„На крај, уште еднаш ги повикуваме нашите државјани кои се наоѓаат во погодените региони, доколку им е потребна конзуларна помош, без одложување да се обратат на наведените СОС контакти“, стои во соопштението на МНРиНТ.