Во кинеска градинка затруени 233 деца со боја за храна, уапсени осум лица (ВИДЕО)

Повеќе од 200 деца се лекуваат во болница поради труење со олово во северозападна Кина, откако готвачите во градинка за украсување на храната користеле боја што не се јаде.

Осум лица се уапсени откако тестовите покажале дека примероците од храна од градинката Пеиксин, во градот Тјаншуи, во покраината Гансу, содржеле 2.000 пати поголема концентрација на олово од законски дозволената граница.

Вкупно 233 деца од приватната градинка имале висока концентрација на олово во крвта откако јаделе торта со хинап и тесто со колбас и пченка.

Според полициската истрага, директорот на градинката побарал од персоналот во кујната да ја нарача бојата преку интернет.

Откако децата се разболеле, полицијата морала да ги бара залихите од боја бидејќи биле скриени. Во соопштението за медиумите се наведува дека на пакувањето јасно пишува дека бојата не е за јадење.

Еден од родителите на затруено дете изјавил за Би-Би-Си дека е загрижен за долгорочните ефекти од труењето со олово врз црниот дроб и дигестивниот систем на неговиот син. Минатата недела го однел во болница во Сиан на тестови откако другите родители предупредиле за опасноста. На неговиот син сега му е потребна десетдневна терапија.

Кинеските државни медиуми објавија снимки за кои велат дека се направени од безбедносни камери во кујната. Тие го покажуваат персоналот како додава боја на храната. Истражителите утврдиле дека колачот од хинап и тестото од колбаси и пченка содржат нивоа на олово од 1052 мг/кг и 1340 мг/кг, додека националната граница за безбедност на храната е 0,5 мг/кг.

Директорот на градинката и уште седум лица, вклучувајќи го и главниот инвеститор, сега се под истрага поради сомнение за производство на токсична и штетна храна.

Не е познато колку долго готвачите ја користеле бојата во подготовка на храната, но неколку родители им кажале на кинеските медиуми дека нивните деца уште од март се жалеле на болки во стомакот и нозете и губење на апетитот. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни