Технолошката компанија предвидува појава на нов вид бизниси, т.н. „гранични фирми“ (frontier firms), во кои човечките работници ќе управуваат со автономни агенти на вештачка интелигенција за извршување задачи, пренесува rts.rs.
„Мајкрософт“ предвидува дека сите ќе станат шефови на агенти.
„Како што агентите ќе се приклучуваат на работната сила, ќе го видиме подемот на ‘шефот на агенти’ – лице што ги гради, делегира и управува агентите за да го зголеми нивното влијание и да ја преземе контролата врз својата кариера во ерата на вештачката интелигенција“, вели Џаред Спатаро, еден од раководителите на „Мајкрософт“.
„Од управниот одбор, па сè до останатите делови на компаниите, секој вработен ќе треба да размислува како извршен директор на стартап, со агенти на располагање“, додава Спатаро.
„Мајкрософт“, кој е еден од главните финансиери на компанијата „OpenAI“, творецот на ChatGPT, очекува дека секоја бизнис-организација во следните пет години ќе стане „гранична фирма“. Сметаат дека тие деловни субјекти ќе бидат „значително поразлични“ од денешните и ќе бидат организирани околу „интелигенција на побарување“.
„Овие компании растат побрзо, функционираат поагилно и побрзо создаваат вредност“, велат од компанијата.
Се очекува дека појавата на новата класа – шефови на вештачка интелигенција – ќе се одвива во три фази.
Прва фаза: секој вработен ќе има виртуелен асистент.
Втора фаза: агентите на вештачка интелигенција ќе се приклучат на тимовите како „дигитални колеги“ и ќе извршуваат конкретни задачи.
Трета фаза: луѓето ќе поставуваат насоки и задачи, а агентите ќе ги извршуваат автономно, додека нивните шефови ќе ги надгледуваат по потреба.
На пример, во синџирите на снабдување, „Мајкрософт“ вели дека агентите ќе можат да ги завршуваат сите логистички задачи, додека луѓето ќе го водат системот и ќе управуваат со односите со добавувачите.