„Визер“ неодамна воведе нови линии, ама и неколку укина

Со стапувањето на зимскиот распоред на унгарската нискобуџетна авио-компанија „Визер“, три авиолинии од Скопскиот аеродром – Келн, Копенхаген и Стокхолм – се укинуваат. Овие дестинации веќе не се достапни на сајтот на компанијата и нема опција за резервација на карти, без информација дали ќе бидат обновени на пролет со летниот ред на летање.

Главната причина за повлекувањето на линијата Скопје-Келн се повисоките трошоци за услуги и давачки на аеродромот Келн-Бон. За да го надомести овој прекин, „Визер“ ќе ја зголеми фреквенцијата на летовите од Скопје до Дортмунд, каде што во ноември и декември ќе има шест летови неделно, додека за периодот околу Новогодишните и Божиќните празници ќе има секојдневни летови до тој град.

Патниците кои патуваа на релација Скопје-Копенхаген сега имаат алтернатива да летаат до соседниот аеродром Малме во Шведска, но „Визер“ сè уште не го зголеми бројот на летови за оваа дестинација. Во меѓувреме, за патниците што патуваа до Стокхолм, главниот град на Шведска останува непокриен со директни летови.

Во однос на новите дестинации, министерот за транспорт Александар Николоски минатата недела најави шест нови авиолинии од Скопскиот и Охридскиот аеродром во 2025 година. Скопје ќе биде поврзано со Дубаи, Барселона, Лион и Штутгарт, а од Охрид ќе се воведат линии до Истанбул и Базел-Милхауз.

Министерот истакна дека Владата субвенционира 12 евра по патник на доаѓање во Охрид и 9 евра за патниците кои пристигнуваат во Скопје, што, според него, се очекува да донесе околу 200.000 дополнителни патници. Во летниот период Скопскиот аеродром оперираше со 47 дестинации, а Охридскиот со осум, додека во зимскиот период, бројот на дестинации е намален на 33 од Скопје и четири од Охрид. Целта е до 2025 година значително да се зголеми бројот на патници на двата аеродрома.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни