„Визер“ ја укинува и линијата Скопје –Будимпешта: Седма откажана дестинација за една година

Унгарската нискобуџетна компанија „Визер“, која држи повеќе од 50 проценти од воздухопловниот пазар на македонските аеродроми, од 9 март ја укинува линијата од Скопје за Будимпешта. На страницата за резервации веќе не може да се купат карти за главниот град на Унгарија. Компанијата нема официјално известување зошто ја укинува и оваа линија од Скопје и дали планира да ја врати со зимскиот ред на летање во октомври.

Ова е седма линија што „Визер“ ја укинува од Скопје во последнaва една година. Во јануари годинава престана да лета за Салцбург и Бремен, а доцна есента 2024 година ги укина летовите до Келн, Копенхаген и Стокхолм-Скавста. За Луксембург беше укинат кон средината на јануари минатата година после само два месеца летање.


Во 2023, на огласот на Владата за субвенционирање на авиолинии „Визер“ доби субвенции за летови до Љубљана, Салцбург, Луксембург и Штутгарт, но од овие линии функционира само авиолинијата Скопје-Љубљана.

На новиот оглас на Владата објавен есента 2024, унгарската нискобуџетна авиокомпанија доби субвенции за Лион, Барселона и Штутгарт. Според договорот за субвенционирање, „Визер“ овие линии треба да ги оперира три години. Летовите за Лион, Барселона и Штутгарт веќе се ставени во резервациониот систем и за нив може да се купат карти.

Министерството за транспорт кон крајот на декември 2023 објави нов јавен повик за воведување субвенционирани авионски линии од аеродромите во Скопје и Охрид од 1 јануари 2025 до 31 декември 2027. Апликациите ќе се разгледуваат и одобруваат според системот „прв дојден, прв услужен“ додека не се исцрпат средствата од 3,36 милиони евра што ги намени Владата за субвенциите.

Тендерот е отворен за сите авиокомпании кои превезле над пет милиони патници и оствариле нето профит од најмалку десет милиони евра минатата година. Државата ќе обезбеди девет евра за секој патник што слетува во Скопје, односно 12 евра за секое доаѓање на аеродромот во Охрид со субвенционираните линии.

Новината на новата Влада и со претходниот и со новиот повик, да не се субвенционираат авиокомпании како што беше пракса, туку дестинациите што тие компании ќе ги одржуваат, е за да се намали зависноста од една компанија, како што е сега унгарскиот нискобуџетен превозник „Визер“.

Оваа компанија во моментов држи помеѓу 50 и 60 проценти од целиот авиосообраќај на двата македонски аеродрома. Во моментов, во базата во Скопје има стационирано четири авиони од типот „ербас А320“ секој со капацитет од 180 седишта. Компанијата континуирано го намалува капацитетот на расположиви седишта од Скопје. До неодамна оперираше со пет такви авиони од Скопскиот аеродром.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни