Американскиот преговарач Стив Виткоф изјави вечерва дека е постигнат „голем напредок“ за време на петчасовните разговори во Берлин со украинската делегација, предводена од претседателот Володимир Зеленски.
„Постигнат е голем напредок“, напиша Виткоф на платформата Икс (X) по разговорите во Берлин, кои беа насочени кон пронаоѓање дипломатско решение за завршување на војната што Русија ја започна во Украина.
Средбата меѓу украинскиот претседател, американскиот изасланик и Џаред Кушнер (Jared Kushner), зет на американскиот претседател Доналд Трамп (Trump), траеше повеќе од пет часа и опфати „детални дискусии за мировен план од 20 точки, економски програми и многу други теми“, напиша Виткоф, додавајќи дека разговорите продолжуваат утре наутро.
Советникот на украинскиот претседател, Дмитро Литвин, изјави претходно денес дека разговорите меѓу украинските и американските претставници за предлозите за решавање на војната во Украина завршиле вечерва по повеќе од пет часа и дека треба да продолжат утре.
Литвин додаде дека украинскиот претседател ќе ги коментира разговорите утре, по нивното целосно завршување.
