Дали витаминот Д навистина го намалува холестеролот? Што покажуваат студиите

Научните истражувања не даваат еднинствен одговор дали суплементите со витамин Д имаат реално влијание врз нивото на холестерол и ризикот од срцеви заболувања.

Иако често се смета дека суплементите со витамин Д можат да помогнат во намалување на холестеролот и со тоа да го намалат ризикот од срцеви заболувања, науката засега не нуди јасен и едногласен одговор. Истражувањата покажуваат мешани резултати, а експертите предупредуваат дека витаминот Д не треба да се гледа како замена за стандардните терапии.

Витаминот Д е клучен за здравјето на коските, апсорпцијата на калциум и регулирањето на воспалителните процеси во телото. Сепак, неговото влијание врз холестеролот останува предмет на дебата.

Како витаминот Д е поврзан со холестеролот?

Витаминот Д, познат и како калциферол, е витамин растворлив во масти и учествува во повеќе метаболички процеси, вклучително и во начинот на кој телото го обработува холестеролот. Истражувањата покажале дека лицата со низок витамин Д почесто имаат покачен холестерол, но тоа не значи дека земањето суплементи автоматски го решава проблемот.

Некои студии укажуваат дека суплементите со витамин Д можат умерено да го намалат вкупниот и LDL („лошиот“) холестерол, но без значајно влијание врз HDL („добриот“) холестерол. Други истражувања покажуваат дека ваквите ефекти се забележуваат само кога витаминот Д се зема во комбинација со лекови за регулирање на холестеролот, особено кај лица со докажан недостаток.

Од друга страна, постојат и студии кои не наоѓаат никаква поврзаност меѓу витаминот Д и холестеролот, а некои дури укажуваат на можен негативен ефект, со зголемување на вкупниот, LDL и HDL холестеролот.

Ризици и важни предупредувања

Научните докази не потврдуваат дека витаминот Д е сигурен начин за намалување на холестеролот. Дополнително, постојат индикации дека витаминот Д може да ја намали ефикасноста на лековите кои најчесто се користат за регулирање на холестеролот.

Иако суплементацијата со витамин Д често се препорачува кај лица со недостаток, прекумерниот внес може да биде штетен. Максималната препорачана дневна доза изнесува околу 4.000 меѓународни единици. Поголеми количини можат да предизвикаат несакани ефекти како мачнина, повраќање, конфузија, дехидратација, силна жед и бубрежни камења, а во екстремни случаи и сериозни срцеви и бубрежни нарушувања.

Поради тоа, експертите советуваат суплементите со витамин Д да се земаат исклучиво по консултација со лекар, особено кај лица кои веќе користат терапија за холестерол.

Што ако имате покачен холестерол?

Покачениот холестерол најчесто нема јасни симптоми и се открива преку лабораториски тест наречен липиден профил, кој ги мери вкупниот холестерол, LDL, HDL и триглицеридите. Доколку вредностите се над препорачаните граници, лекарите најчесто препорачуваат комбинација од терапија со лекови, промени во исхраната, редовна физичка активност и континуирано следење.

Заклучокот од досегашните истражувања е јасен: витаминот Д може да има улога во општото здравје, но не е докажано дека сам по себе е ефикасно решение за намалување на холестеролот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни