Вистинската приказна за руската салата: Како стана симбол на празниците?

Според традицијата, за салатата да биде „вистинска“, не треба да се користи индустриски мајонез, туку преливот да се подготви рачно од јајца, масло, сенф, лимон и други состојки, кои секоја салата ја прават единствена

Незамисливо е да се организира прослава или празнична трпеза без главната ѕвезда на масата – руската салата. Се јаде ширум светот и секој рецепт се смета за исправен, но ниту еден не е оригиналниот.

Руската салата ја создал познатиот белгиски готвач Лисјен Оливије во 1860 година, додека работел во Москва, и по него е наречена „оливије салата“ . Тајната на оригиналниот рецепт ја однел со себе во гроб, пренесува РТС.

Оригиналната руска салата била исклучително скапо јадење. Точниот рецепт, особено оној за преливот, бил строго чувана тајна. Познато е дека салатата содржела тетреби, телешки јазик, кавијар, зелена салата, ракови, капари и чадена патка, иако составот веројатно се менувал во зависност од сезоната.

Оригиналниот прелив на Оливије бил вид мајонез направен од француски вински оцет, сенф и провансалско маслиново масло, но неговиот точен рецепт и денес останува непознат.

На преминот кон 20 век, еден од готвачите на Оливије, Иван Иванов, се обидел да го украде рецептот. Потоа го напуштил ресторанот на Оливије и започнал да работи во друг, помалку престижен ресторан во Москва, каде што служел многу слична салата под името „Столични“.

Гурманите од тоа време забележале дека преливот бил со послаб квалитет и дека „нешто ѝ недостасувало“. Подоцна, Иванов го продал рецептот на повеќе издавачки куќи, што дополнително придонело за ширењето на салатата.

По затворањето на ресторанот „Ермитаж“ во 1905 година и заминувањето на семејството Оливије од Русија, салатата официјално почнала да се нарекува „оливије“. Еден од првите печатени рецепти се појавил во 1894 година и вклучувал лешник, компир, краставица, зелена салата, ракови, аспик, капари, маслинки и провансалски прелив (мајонез).

По Октомвриската револуција, скапите состојки биле заменети со поевтини: тетребот со пилешко месо или колбас, раковите со тврдо варено јајце, а капарите и маслинките со кисели краставички и зелен грашок.

Салатата се проширила низ светот под имињата „руска“, „столичнаја“ или „оливије“. Особено е популарна на Балканот и во Полска, каде што е неизоставен дел од трпезата за Бадник и Нова година, но се јаде и во Шпанија, Јужна Америка, Пакистан, Авганистан и Монголија.

Со текот на времето, скапите состојки биле заменети со подостапни, па денес најчесто се подготвува од варен компир, грашок, морков, јајца, корнишони и варена шунка или риба, сè измешано со мајонез.

Во некои краеви салатата не содржи месо и се нарекува „француска салата“.

Според традицијата, за салатата да биде „вистинска“, не треба да се користи индустриски мајонез, туку преливот да се подготви рачно од јајца, масло, сенф, лимон и други состојки, кои секоја салата ја прават единствена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни