Во последниве години, овошните сокови и смутите – некогаш промовирани како дел од здравиот начин на живот – се најдоа на удар на стручната јавност. Некои експерти тврдат дека тие се ништо повеќе од „течен шеќер“, додека други истакнуваат дека се вреден извор на витамини и антиинфламаторни соединенија. Епидемиологот Тим Спектор дури изјави дека би било подобро да се пие Кока-Кола отколку портокалов сок, поради неговата висока содржина на шеќер.
Иако една чаша сок може да содржи корисни нутриенти, таа истовремено содржи и околу 12 грама слободен шеќер – форма на шеќер што лесно се апсорбира и може да предизвика покачување на нивото на гликоза во крвта. Светската здравствена организација препорачува внесот на овие шеќери да не надминува 10% од дневниот енергетски внес, а во Обединетото Кралство препораката е уште построга – само 5%. Проблемот е што при правење една чаша сок се користат три до четири овошја, количина што ретко кој би ја изел одеднаш во цврста форма. Дополнително, со цедењето се губат влакната, кои играат клучна улога во варењето и контролата на шеќерот во крвта.
Како да ги вклучиме соковите и смутите во здравиот режим?
И покрај критиките, нутриционистите не ги исклучуваат целосно овошните сокови и смутите од здравата исхрана – но нагласуваат дека клучот е во умереноста и начинот на подготовка. Регистрираната диететичарка Самми Гил препорачува дневна доза од максимум 150 мл сок или смути. Според неа, домашно подготвени смутија, во кои се користат сите делови од овошјето – вклучително и кората и семките – се далеку поздрава опција од индустриски произведените варијанти.
Во смутите може да се додадат и протеини и здрави масти преку состојки како јогурт, чиа семки, ореви или овес. Стручњаците препорачуваат да се дава предност на зеленчукот, а не на овошјето, особено поради пониската содржина на шеќер. Исто така, се советува овие пијалаци да се пијат за време на оброк, а не како ужина, со цел да се намали ризикот од расипување на забите.
Соковите и смутите не може да се сметаат како целосна замена за консумирање свежо овошје и зеленчук. Дури и кога смутито содржи пет различни состојки, сè уште се брои како само една порција во рамките на препорачаните „пет на ден“. Затоа, експертите порачуваат: пијте, но внимателно – и не заборавајте да џвакате.