Се чини дека топлото време не влијае само на нашето физичко здравје, туку и на емоциите. Истражување спроведено од научници од MIT и други меѓународни институции открива дека екстремните температури имаат значително влијание врз расположението на луѓето ширум светот. Тие анализирале над милијарда објави на социјалните мрежи од 157 земји, при што ги поврзале емоциите изразени во објавите со временските услови на денот кога биле објавени.
Резултатите покажуваат дека кога температурата надминува 35°C, луѓето во земјите со пониски приходи покажуваат околу 25% поголема негативност во своите објави, додека во побогатите земји тој процент е околу 8. Ова укажува на тоа дека економската стабилност игра улога во тоа како се справуваме со климатските предизвици, но и дека емоционалната отпорност е подеднакво важна како и физичката.

Покрај раздразливост, топлината е поврзана и со посериозни психолошки последици. Научниците имаат различни теории за тоа зошто жештината влијае на нашето расположение. Некои сметаат дека високите температури го менуваат нивото на серотонин – хемикалија во мозокот која е клучна за регулирање на среќата и анксиозноста. Други пак, укажуваат на зголемено ниво на тестостерон, што може да доведе до поагресивно однесување.
Гледајќи кон иднината, истражувачите користеле климатски модели за да предвидат како ќе се менува расположението на глобално ниво до крајот на векот. Дури и со претпоставка дека општествата ќе се адаптираат на топлината, се очекува опаѓање на позитивните емоции за околу 2.3% до 2100 година.
Иако инфраструктурата може да помогне во справување со физичките ефекти од топлината, емоционалната подготовка и отпорност се подеднакво важни. Социјалните мрежи, иако не ги опфаќаат сите демографски групи – како децата и постарите лица – сепак нудат вреден увид во тоа како климатските промени влијаат на нашата психа.