Врнежите во изминатите 24 часа предизвикаа значително зголемување на водостоите во западниот дел од земјата, информира Управа за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Според нивните податоци, зголемен е водостојот на сите реки во западна Македонија, а кај дел од нив се очекува дополнително покачување во текот на денот.
Вардар со висок водостој – можни заезерувања во Полошко
До крајот на денот се очекува висок водостој во горниот дел од сливот на реката Вардар. Можно е појава на заезерувања во Полошката Котлина, како и локални излевања на помалите реки и суводолиците во Гостиварскиот и Тетовскиот регион.
И самата река Вардар се очекува да има покачен водостој во текот на денот.
Ризик и во Охридско-Струшко и Пелагонија
Висок водостој се очекува и кај реките Сатеска и Коселска, како и кај останатите водотеци во Охридско-Струшкиот регион, каде на поедини места се можни локални излевања.
Реката Црна веќе има зголемен водостој, а во нејзиниот слив се можни локални излевања, особено во Демиркапискиот и Пелагонискиот регион.
Треска со можни излевања кај Пласница и Лисичани
И реката Треска бележи висок водостој, при што се можни локални излевања во близина на селата Пласница и Лисичани. Зголемување на нивото се очекува и кај нејзината лева притока – реката Кичевска.
Од УХМР апелираат граѓаните да се движат внимателно покрај реките и водотеците во западните делови од земјата поради опасност од високи води.
Дополнително, на изолирани места во источните делови од земјата можно е да има интензивни врнежи, па се препорачува внимателно следење на состојбата и на тие подрачја.