Националниот парк Шар Планина издаде аларм за висока лавинска опасност, која во моментов е присутна на поголем дел од територијата на паркот, особено на подрачјата со надморска височина над 1700 метри.
Од паркот информираат дека зголемениот ризик од појава на снежни лавини е резултат на комбинација од повеќе неповолни временски фактори – температурни осцилации, силен и променлив ветер, како и обилни снежни врнежи во изминатите денови. Во вакви услови, заедно со специфичниот планински рељеф, доаѓа до нестабилност на снежната покривка, што значително го зголемува ризикот од лавини.
По пријава од операторот за слободно скијање со ратраци „Ескимо спорт“ за појава на лавина во рамки на паркот, екипи на Националниот парк Шар Планина излегоа на терен и извршија увид на локацијата.
Претходно, тимот на „Ескимо спорт“ спровел пребарување на лавинскиот терен со помош на лавински уреди, при што било утврдено дека во лавината нема затрупани лица со лавинска опрема, а досега нема ниту пријави за исчезнати лица.
За среќа, настанот поминал без човечки жртви, но од Националниот парк апелираат до граѓаните, планинарите и скијачите да покажат исклучителна претпазливост, да ги следат официјалните предупредувања и да избегнуваат движење по ризични терени.
