Висок ризик од лавини на Шар Планина, предупредува Националниот парк

Стручна анализа утврди лавинска опасност од степен 4 според европската скала, особено над 1.700 метри надморска височина
Фото: Шар Планина

Управата на Националниот парк Шар Планина предупреди дека во моментов на територијата на паркот постои висок ризик од појава на лавини, особено во повисоките делови на планината над 1.700 метри надморска височина. Предупредувањето доаѓа по извршена теренска проверка и експертска анализа на стабилноста на снежната покривка.

Од Националниот парк информираат дека зголемената лавинска опасност е резултат на специфична комбинација на временски услови, меѓу кои температурата на воздухот, правецот и јачината на ветерот, како и обилните снежни врнежи во изминатите денови. Овие фактори, во комбинација со рељефните карактеристики на теренот, создале услови за нестабилност на снежната маса и појава на лавини.

Предупредувањето следи по дојава од операторот за слободно скијање со ратраци „Ескимо спорт“ за забележана лавина на подрачјето на паркот. По пријавата, екипа на Националниот парк извршила увид на локацијата каде што била потечена лавината, додека претходно тим на операторот спровел пребарување на теренот со употреба на лавински уреди.

Според информациите од управата, при проверките е утврдено дека во лавината нема затрупани лица кои поседувале лавинска опрема, а до овој момент не се пријавени исчезнати лица. Настанот, како што соопштуваат, поминал без човечки жртви.

Паралелно со теренскиот увид, стручен тим спровел експертска анализа на снежната покривка, при што е утврден висок степен на лавинска опасност – степен 4 според европската скала за процена на лавински ризик, каде степен 5 означува многу висок, а степен 4 висок ризик.

Апел за претпазливост до посетителите

Од Националниот парк апелираат до сите посетители да постапуваат со зголемена претпазливост, да избегнуваат движење во потенцијални лавински зони и да не се движат во повисоките делови на планината без придружба на квалификувани и стручно обучени лица. Истовремено, посетителите се повикуваат навремено и точно да ја пријавуваат својата посета преку официјалната веб-страница на паркот.

Стручните служби на Националниот парк, во соработка со туристичките оператори и експертите за лавини, најавуваат континуирано следење на состојбата на теренот и редовно информирање на јавноста за сите промени поврзани со лавинската опасност.

Од управата потсетуваат дека иако зимските услови на Шар Планина претставуваат значајна природна атракција, тие истовремено бараат високо ниво на одговорност, информираност и строго почитување на безбедносните правила. Лавините, како што нагласуваат, се тешко предвидлива појава и бараат сериозна експертиза и внимателна процена на теренските и временските услови, поради што личната безбедност треба да биде приоритет за сите посетители.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни