Фотографиите, до кои дојде Анима Мунди, покажуваат дека Дранго, откако ја убил мечката, ладнокрвно позира со неа како да е трофеј. Ова не само што го отсликува неговото спорно хоби, туку и ја разголува неговата неодговорност како јавен функционер. На социјалните мрежи се појавуваат и други фотографии на кои Дранго позира со различни убиени диви животни, што ја продлабочува загриженоста околу неговите дејствија.
Според член 11 од Законот за дивечот и ловството, мечката е заштитен вид и нејзиното ловење е строго забрането. Дополнително, член 14 од истиот закон трајно ја забранува можноста за лов на мечки, без исклучоци. Според Кривичниот законик, ловењето на дивеч под заштита, како што е мечката, се казнува со затворска казна од една до пет години.
Анима Мунди најави дека ќе поднесе кривична пријава против Дранго и ќе бара негово разрешување од функцијата. Јавните функционери треба да бидат синоним за одговорност и почитување на законите, а не да користат оружје за да убиваат заштитени животни и да избегнуваат одговорност. Овој злочин против природата, кој доведе до смртта на скапоцено животно, треба да биде санкциониран со највисоката казна предвидена со закон.
Овој случај отвора сериозно прашање дали Дранго е недопирлив за правдата само затоа што е политичар и колку често се случувале вакви монструозни дела во неговата кариера, велат од Анима Мунди.
Овој инцидент ја истакнува потребата од поголема контрола и одговорност на јавните функционери, особено кога станува збор за заштитата на природата и дивиот свет. Законите за заштита на дивечот и животната средина мора да се почитуваат од сите, без исклучоци, за да се осигура одржливоста на нашата природна средина за идните генерации.