Вирусот на Западен Нил се шири низ Европа: Симптоми, заштита и што треба да знаете

Вирусот на Западен Нил се одржува во природата преку циклус помеѓу птици и комарци. Птиците се главни резервоари на вирусот, а луѓето, коњите и други цицачи се заразуваат случајно преку убод од инфициран комарец.

Вирусот на Западен Нил сè повеќе се шири низ регионот и Европа, а болеста ја пренесуваат комарци. Најмногу случаи се бележат во Грција, Италија, Романија, Унгарија и Србија. Според најновите податоци од Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“, заклучно со 31 август оваа сезона се потврдени 34 случаи на заболување од треска предизвикана од вирусот на Западен Нил. Нови случаи се регистрирани кај уште седум лица, а болеста е присутна во 12 окрузи, меѓу кои и Севернобанатскиот. Меѓу заболените, мнозинството се мажи (59%), со просечна возраст од 65 години. До крајот на август, случаи се потврдени и во Франција, Бугарија, Шпанија и Албанија.

Вирусот на Западен Нил се одржува во природата преку циклус помеѓу птици и комарци. Птиците се главни резервоари на вирусот, а луѓето, коњите и други цицачи се заразуваат случајно преку убод од инфициран комарец. Најчести преносители се комарци од родот Culex, но може да пренесуваат и видови од родовите Aedes и Anopheles. Болеста не се пренесува од човек на човек, ниту директно од птици на луѓе.

Појавата на болеста е сезонска – најмногу случаи се јавуваат од август до октомври, кога комарците се најактивни. Развојот на епидемии зависи од климатските услови, бројот на инфицирани птици и густината на популацијата на комарци. Најголем дел од заразените (околу 70–80%) не покажуваат симптоми. Кај приближно еден од пет заразени се развива лесна форма на болеста, слична на грип, со симптоми како покачена температура, главоболка, болки во мускулите и зглобовите, умор, мачнина, повраќање, осип и отечени лимфни јазли. Овие симптоми обично траат неколку дена и се повлекуваат сами.

Во помалку од 1% од случаите вирусот го зафаќа централниот нервен систем, предизвикувајќи сериозни состојби како менингитис, енцефалитис или менингоенцефалитис, кои можат да доведат до тешка главоболка, вкочанет врат, конфузија, слабост на мускулите, губење на свест, па дури и смрт. Најризични се лицата над 50 години, хронично болни и имунокомпромитирани пациенти. Симптомите се јавуваат во период од 2 до 14 дена по убодот од инфициран комарец, најчесто помеѓу третиот и шестиот ден.

Не постои специфична терапија против вирусот на Западен Нил. Лесните форми се лекуваат симптоматски – со одмор, намалување на температура и хидратација. За потешките случаи е потребна хоспитализација. Моментално не постои вакцина за луѓе, но истражувањата се во тек. Најефикасната заштита е превенцијата од убоди од комарци. Тоа вклучува користење на репеленти на откриени делови од телото, носење светла облека со долги ракави и панталони, избегнување на престој на отворено во раните утрински и доцните вечерни часови, поставување мрежи на прозорци и врати, користење мрежи над кревети и детски колички, отстранување на предмети и садови со застоена вода, редовно празнење и менување на вода во саксии и поилки, затворање на резервоари за вода, чистење дренажи и септички јами и одржување на дворови и зелени површини за да се намали бројот на возрасни комарци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни