Се шири малициозен линк преку WhatsApp: не отворајте пораки за „гласање во анкета“

Со еден клик, вирусот се инсталира на телефонот и автоматски се праќа до сите ваши контакти

Преку апликацијата WhatsApp повторно се шири малициозен линк кој може да предизвика сериозни безбедносни ризици за корисниците. Пораката доаѓа од веќе познат контакт, што дополнително ја зголемува веројатноста корисниците да кликнат без сомнеж.

Со самото отворање на линкот, вирусот се инсталира на мобилниот телефон, добива пристап до WhatsApp апликацијата и автоматски ја испраќа истата порака до сите контакти од именикот. Засега не е познато каква дополнителна штета може да предизвика овој малициозен софтвер, ниту какви податоци може да бидат компромитирани.

Пораката најчесто е напишана на чешки јазик, а нејзината содржина е формулирана така што буди емпатија и чувство на итност. Во слободен превод, пораката гласи:

„Здраво! Те молам, можеш ли да гласаш за Александра во оваа анкета? Таа е ќерка на мој пријател. Главната награда е бесплатна стипендија за следната година и тоа е навистина многу важно за неа. Ви благодарам многу!“

Токму ваквиот наратив (повик за помош, гласaње или поддршка) е чест механизам што се користи за ширење малициозни линкови преку приватни пораки.

Од безбедносни причини, корисниците се советуваат да не кликаат на вакви линкови, дури и кога пораката доаѓа од лице што го познаваат, како и веднаш да ја избришат пораката и да ги информираат своите контакти доколку случајно ја отвориле.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни