Виорел Гуту: Шумите се извор на живот

Ви пренесуваме обраќање од Виорел Гуту, Помошник генерален директор и Регионален претставник на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) за Европа и Централна Азија, по повод Меѓународниот ден на шумите, кој се одбележува на 21 март. Оваа година, темата на овој значаен ден е улогата на шумите како извор на храна, нагласувајќи го нивниот придонес кон обезбедноста со храна, исхраната и егзистенцијата. Гуту истакнува дека шумите не се само еколошки вреден ресурс, туку и важен фактор за одржливи агро-прехранбени системи и економска поддршка на руралните заедници.

Земјиште со површина поголема од 0,5 хектари со дрвја повисоки од 5 метри и покривка од крошни поголема од 10 проценти, или дрвја што можат да ги достигнат овие прагови во одредена област – тоа е основната дефиниција за шума. Сепак, ако си замислиме шума, внатрешната слика веројатно ќе биде исполнета со најразлични бои, бидејќи шумите се многу повеќе од она што нивната дефиниција сугерира.

Според најновите податоци, повеќе од 30 проценти од копнената површина на Европа е покриена со шуми, и таа бројка полека, но сигурно расте. Во нашиот регион има земји кои се рангираат високо дури и на глобално ниво во однос на пошумените области. Шумите се јасно значаен ресурс во овој дел од светот.


Луѓето имаат корист од шумите како место за одмор и релаксација – ментално и физички. За многумина, дрвото служи како огрев во домовите во зимскиот период и обезбедува оган за готвење. Но, уште поважно, шумите обезбедуваат живеалиште за огромен број диви животински и растителни видови, го прочистуваат воздухот и играат клучна улога во глобалните екосистемски процеси како најголем копнен резервоар на јаглерод. А тоа се само дел од нивните придобивки.

Сепак, шумите не се само резерва на дрвна маса – тие се и извор на храна.

Во 2025 година, централната тема на Меѓународниот ден на шумите (21 март) им оддава признание на шумите за нивната улога како извор на храна, славејќи го нивниот клучен придонес за обезбедноста со храна, исхраната и егзистенцијата.

Таканаречените недрвни шумски производи (како што се јаткасти плодови, бобинки, печурки, месо од дивеч, лековити растенија и шумски мед) се основа или здрав додаток во исхраната за многу луѓе.

Дополнително, шумските прехранбени производи се составен дел од секојдневниот живот: 90 проценти од европските домаќинства редовно консумираат барем еден од овие производи, додека околу една третина собираат некој вид недрвни шумски производи најмалку еднаш годишно, било за лична употреба или за продажба. Во некои земји, сиромашните и ранливите категории на населението често се потпираат на сезонските шумски производи за да обезбедат приходи и да ги нахранат своите семејства.

Консумацијата на шумски прехранбени производи нуди бројни нутритивни придобивки и придонесува кон разновидна исхрана. Меѓу другото, месото од дивеч е значаен извор на протеини и микронутриенти, има понизок процент на масти и не содржи антибиотици. Шумите го поддржуваат обезбедувањето на храна и нудат алтернативни извори на приходи за време на кризи, како што се неуспешни жетви или конфликти – а такви ситуации имавме многу во изминатите години. Тие се клучни за опстанокот на руралните заедници кога вообичаените извори на храна стануваат недостапни.

Сепак, сегашната, а особено идната економска вредност на шумските прехранбени производи во голема мера останува незабележана во официјалните статистики и анализи за иднината. Ова се должи на фактот што многу недрвни шумски производи се дел од неформалната економија и не се соодветно евидентирани во официјалните записи.

Во 1945 година, Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) беше основана со цел борба против гладта и поддршка на руралните заедници. Осумдесет години подоцна, сè уште работиме на остварување на оваа цел, а шумите се наши тивки, но силни сојузници во создавањето одржливи и отпорни агро-прехранбени системи.

Да ги заштитиме и славиме не само на 21 март, туку 365 дена во годината и да ги зачуваме за идните генерации!

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни