Симе Re:Strat: Винилот е допир, емоција, меморија

Винилот е допир, емоција и меморија – Симе Re:Strat зборува за значењето на винил културата, нејзината историја и зошто вештачката интелигенција не може да ја замени магијата на плочата.

„Кога ќе се допреш со некого, па макар и во автобус, или те нервира или сакаш да го гушнеш. Така и ова. Или те нервира или сакаш да го гушнеш. Сите што еднаш дома ставиле иглата на грамофонот – заслужни се за винил културата. Предноста на плочата е физичкиот допир. Иглата ја допира плочата и тој момент ја прави магијата на слушање.“

Со овие зборови, Симе Re:Strat, еден од најпрепознатливите фигури на македонската електронска сцена, ја објаснува суштината на винил културата – емотивна, физичка и длабоко човечка. Тој потсетува дека во осумдесеттите, само во центарот на Скопје имало десетици продавници за плочи:
„Во ГТЦ имаше четири-пет, по секоја стоковна куќа имаше продавница, штанцаа, на улица Македонија, насекаде имаше продавници за винили. Тоа е врежано, мислам дека е врежано во нашата меморија.“

Винил културата е далеку повеќе од моден тренд или носталгија. Таа претставува автентичен начин на доживување музика – слушање што бара време, внимание и почит. За разлика од дигиталното, кое е често „background noise“, плочата ја бара твојата посветеност. Таа е музика што се слуша со раце и срце, не само со уши.

Во ерата на стриминг платформи и музика што се произведува за алгоритми, винилот опстојува како културна контра. Во последната деценија, светот бележи континуиран раст на продажбата на грамофонски плочи, а млади генерации сè почесто се вртат кон аналогното, барајќи длабочина, квалитет и искуство што дигиталниот свет не го нуди.

На прашањето дали вештачката интелигенција е закана за оваа култура, Симе има јасен став:
„Не е закана вештачката интелигенција, посебно не за луѓето кои што остануваат верни на овој медиум. Не знам што ќе се случи кога ќе решат на некој бенд, АИ бенд, вештачка интелигенција бенд, е, на тој да му издадат плоча. Е, тука не знам како ќе биде. Инаку, вештачка интелигенција има црна судбина, ѝ предвидувам, во музиката.“

Плочата не е само звук – таа е предмет, објект со душа, дело што постои и надвор од екранот. Во времиња кога сè е „на клик“, винилот бара пауза. И токму таа пауза, тој момент на ставање игла на плоча, претставува еден вид отпор, враќање кон суштината. Затоа, винилот не умира – тој се прераѓа со секоја нова генерација што ќе ја открие неговата магија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни