Грчкиот бенд Villagers of Ioannina City го најави новиот студиски албум „Venceremos“, кој ќе биде објавен во 2026 година за издавачката куќа Napalm Records, заедно со обемна европска турнеја што ќе ги опфати март и април следната година.
Турнејата ќе започне со концерт во Младинскиот културен центар во Скопје, на 5 март 2026 година. Билетите веќе се пуштени во продажба преку платформата drugastrana.mk.
По повеќе од една година без нови изданија, бендот открива дека албумот е речиси завршен. „Цел наш фокус, енергија и страст се вложени во овој албум. Насловот ‘Venceremos’ го претставува нашиот стремеж за слобода и духот на отпор“, порачуваат од Villagers of Ioannina City.
Насловната фотографија за албумот е дело на Фотис Вартис, а визуелниот дизајн го потпишува Илиас „SpyOne“ Цафарас. Со „Venceremos“, бендот најавува ново поглавје во својата кариера, која веќе ги позиционираше како еден од најоригиналните и најинтензивни рок-актови на европската сцена.
Villagers of Ioannina City се препознатливи по својата уникатна мешавина од психоделичен и стоунер рок со балкански фолклорни елементи. Токму оваа комбинација им донесе статус на еден од најелектризирачките бендови во живо, со настапи на големи фестивали како Hellfest, Motocultor и Graspop.
Во рамки на турнејата, покрај Скопје, бендот ќе настапи и во Берлин, Париз, Мадрид и други европски градови. Организаторите најавуваат концерт со целосна продукција и нов материјал од претстојниот албум.