Вилата на модната икона Карл Лагерфелд, кој почина во 2019 година, треба да биде понудена на аукција во вторник.
Имотот се наоѓа во француското село Лувсиен (Louveciennes), околу 20 километри западно од Париз. Вилата има околу 600 квадратни метри станбен простор, како и пространо земјиште со базен, тениско игралиште и неколку помошни објекти.
Според адвокатите задолжени за продажбата, проценетата вредност на вилата изнесува 4,64 милиони евра.
Карл Лагерфелд го купил овој поранешен ловечки дом во 2014 година и наредните четири години внимателно го реновирал, обрнувајќи особено внимание на деталите. Наводно, во таа куќа преспал само една ноќ.
Во 2024 година, неговиот стан во Париз исто така беше продаден на аукција. Станот со површина од 260 квадратни метри, првично проценет на 5,3 милиони евра, доби нов сопственик за двојно повисока сума – и тоа по само 19 минути наддавање.
Останува да се види дали ќе се повтори слична аукциска еуфорија и за неговата селска вила.