Википедија на македонски јазик достигна до 150 000 статии

Од своите почетоци во септември 2003 година, со само неколку статии, денес оваа платформа нуди обемна база на податоци која опфаќа најразлични теми – од историја, географија, наука, уметност, култура, па сè до современи настани и технолошки достигнувања.

Во ера на дигитализација, пристапот до релевантни и точни информации на македонски јазик е клучен. Википедија овозможува слободен пристап до знаење за секого, без оглед на возраста, локацијата или образованието. Со тоа, таа игра важна улога во образованието, научните истражувања, новинарството и во секојдневното информирање на македонските граѓани. Исто така, Википедија на македонски јазик придонесува за зачувување и промовирање на македонскиот јазик во дигиталниот простор. Преку статии за историјата, јазикот, културата и обичаите на Македонија, оваа енциклопедија служи како дигитална архива на националното наследство.

Со 150.000 статии зад себе, Википедија на македонски јазик не застанува тука. Предизвикот е да се подобри квалитетот на постоечките статии, да се збогати содржината со релевантни извори, фотографии и мултимедијални материјали, како и да се привлечат нови уредници кои ќе помогнат во нејзиниот понатамошен развој.

Дел од овој проект може да стане секој поединец. Википедија е отворена за сите кои сакаат да придонесат кон глобалната заедница на знаење. Со поголема ангажираност од образовните институции, медиумите и истражувачките центри, македонската Википедија може да продолжи да расте и да стане уште поквалитетен извор на информации.

Инаку, Википедија овозможува бесплатен пристап до енциклопедиски содржини на 340 јазици. Првата јазична верзија е Википедија на англиски јазик и е основана на 15 јануари 2001 година. Основачи на најпозната енциклопедија и креатори на идејата се Џими Велс и Лери Сангер, кои со здружени сили ја започнале работата, првично само на англиски јазик.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни