Викендов ќе се одржи 34. издание на Меѓународниот хорски фестивал „ТЕХО“

По 34. пат, во Тетово викендов ќе се одржи Меѓународниот хорски фестивал Тетовски хорски одзиви – ТЕХО, на кој ќе настапат вкупно 16 хорови од повеќе земји.

Првата фестивалска вечер, во петок 27 јуни ќе се одржи во соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“ со почеток во 19:30 часот. На втората и третата вечер, хоровите ќе настапат во Центарот за култура „Иљо Антески – Смок“ во Тетово, со почеток во 19:30 часот.

– Во соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“ настапуваат црковниот хор „Пресвета Богородица“ од Скопје и хорот на храмот Свети Сава од Белград. Во сабота и недела ќе настапат седум хорови од кои два се гости од Албанија и Бугарија. Во недела исто така настапуваат седум хорови, од кои гости имаме од Косово. За прв пат оваа година хорот Менада како круна на последната фестивалска вечер ќе настапи со популарни композиции во придружба на ансамбл Ана Петан Бенд, информираше на прес-конференција, претседателот на фестивалот и диригент на хорот Менада, Ивица Зориќ.

ТЕХО се одржува веќе 53 години, а годинешниот фестивал има и цел да се одбележат јубилејните години на тројца македонски композитори.

– Годинава со фестивалот оддаваме почит на 125 години од раѓањето на Стефан Гајдов, 100 години од раѓањето на Кирил Македонски и 100 години од раѓање на Властимир Николовски. Ние на некој начин водиме грижа за сите оние кои дале свој придонес во негување на хорската музика, да бидат одбележани нивните дела и се она што правеле во изминатите години, истакна Ивица Зориќ.

На трите фестивалски вечери ќе се исполнат речиси 100 композиции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни