Викендов во Света Софија настап на сопранистката Ванже Жанг и „Швајцарска вечер“

Во црквата „Св. Софија во Охрид“, вечерва (10 август), со почеток во 21 часот ќе биде одржана „Швајцарска вечер“, во рамките на која ќе настапат пијанистот Алексеј Ботвинов, виолинистот Себастиан Борен и виолончелист Патрик Деменга.

Во рамките на концертот ќе бидат изведени делата на Моцарт, Брамс и Шостакович.

Алексеј Ботвинов е исклучителен пијанист, музички иноватор и продуцент. Тој е еден од најзначајните украински пијанисти и се смета за еден од најдобрите интерпретатори на музиката на Сергеј Рахмањинов. Тој настапувал во повеќе од 46 земји низ светот, а неговите неодамнешни настапи вклучуваат концерти во салите на Берлинската филхармонија, во „Гевандхаус“ во Лајпциг, „Тонхале“ во Цирих, во салата на филхармонијата во Хамбург, во „Бетовен хаус“ Бон и многу други. Во 2020 Ботвинов е одликуван со орденот „Ѕвезда на Италија“ со одлука на претседателот на Италија, а истата година ја добива и наградата „Вилијам Тел“ која му ја доделува Швајцарската влада…

Борен е виолинист кој внимателно му приоѓа на репертоарот, избирајќи најчесто интерпретации на дела од класичната и романтична ера, дела од ХХ век и нови, современи композиции. Во 2022 Швајцарската фондација на школите за виолина му ја додели наградата „Златно гудало“, а германскиот печат го опишува како „еден од најсериозните, директни музичари на неговата  генерација“.

Деменга, (1962) неколку години работи како раководител на Чело-фестивалот „Вива чело“ во Базел, а уметнички раководител е на серијата концерти со име „Четири годишни времиња“ во Блуменштајн, како и на фестивалот во Меиринген.  Добитник е на наградата „Златно гудало“ во 2001, а особен афинитет има кон современата музика

На 11 август, пак, во црквата „Св. Софија“, во 21 часот, концерт ќе одржат сопранистката Ванже Жанг (Кина) и пијанистот Дејан Синадиновиќ (Србија).

Тие во рамките на програмата ќе ги изведат делата на Шуман, Жоу, Шанде, Хуанг и Черепнин.

Жанг е истакната кинеска сопранистка, чија вонвременска убавина на нејзиниот глас ги надминува географските граници.

Дејан Синадиновиќ е пијанист и професор на Факултетот за музичка уметност во Белград. Тој има издадено 3 ЦД-а за шпанската издавачка куќа КНС Класикс и 12 ЦД-а за „Анима рекордс“ во Париз…

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни