Викендов се случува Смотра #13 – фестивал на електронска музика во Битола

Со необичните локации (запуштени објекти во поранешната касарна и Старата Чаршија) и внимателно избрани изведувачи кои настапуваат со енергични ди-џеј сетови и настапи во живо, СМОТРА претставува одлично место за сите перфекционисти и љубители на алтернативната култура.

Овој викенд во Битола се случува фестивалот на електронска музика Смотра #13, кој ќе понуди интересна програма и разигрување на летната атмосфера во градот.

Идејата зад овој фестивал датира од 2011 година, а настана како одговор на потребата за алтернативна сцена во Битола. Целта беше да се понуди поинтимна атмосфера на необични локации каде ќе се презентира поквалитетен избор на електронска музика и диџеи/презентери и каде младите ќе можат да се изразат преку било која уметничка форма.

Со необичните локации (запуштени објекти во поранешната касарна и Старата Чаршија) и внимателно избрани изведувачи кои настапуваат со енергични ди-џеј сетови и настапи во живо, СМОТРА претставува одлично место за сите перфекционисти и љубители на алтернативната култура.

Во изминатите 11 изданија фестивалот константно еволуира апсорбирајќи нови содржини од современиот електронски звук и проширувајќи ги вообичаените рамки на делување според барањата и очекувањата на посетителите и развојот на современите технологии. 

Што ќе може да се проследи викендов:

петок 11 јули / Стара Битолска Чаршија / 21:00 ч.


РОБОТЕК

Robotek е еден од пионерите на македонската електронска сцена. Активен од средината на 90-тите, неговиот музички пат започнува со амбиентална електроника и техно, а со текот на времето се развива во препознатлив фузиран стил: електро, тек-хаус, синтвејв, па сè до инди денс како негов актуелен музички потпис.

Зад себе има неколку албуми и EP-a, а неговото име стои и зад аудио продукција за филм и телевизија. Неговите диџеј сетови се микс од нешто ново и нешто старо, но секогаш оригинално, секогаш свежо. Соработка со Robotek започна уште во 2010 година кога настапи во подземна гаража во Битола на еден од најсилните андерграунд рејвови што градот ги памети. 15 години подоцна, со истата енергија, Robotek се враќа спремен да нè поведе низ звучна одисеја на првата фестивалска вечер во Битолската Чаршија (петок 11 Јули, 2025).

T:ZOBE 

Т:Zobe е име што одамна одекнува на битолската техно сцена. Со своите сетови настапуваше на голем дел од нашите настани, оставајќи печат со својот уникатен музички израз. Сè започна во 2007, кога со победа на диџеј натпревар се издвои како најталентиран млад артист. Член на легендарните Domino Dancing и Fresh Union, низ годините оставаше траги низ клубовите во Македонија.

Од сурово техно, преку breakbeat вибрации до футуристички мелодии, неговата селекција секогаш носи приказна. Вреди да се спомене неговиот настап пред 15 години, кога заедно со Robotek беа дел од еден од највпечатливите рејвови во Битола. Петнаесет години подоцна, во ист состав повторно ќе настапат на тринаесеттото издание на СМОТРА фестивал, во петок, 11 јули, во Старата битолска чаршија.

сабота 12 јули / Безистен / 21:00 ч.
L.O.V.D (dj set + Live) 

Љубен Дерибан е музичар и продуцент од Скопје, кој настапува со live електронска музика под уметничкото име L.O.V.D. Неговиот музички акт комбинира различни жанрови како Electro, Breakbeat, EBM и G-Tech, со фокус на енергични, ритмички и аналогно-базирани перформанси. Редовно самоиздава музика и активно настапува во живо, со претходни настапи во Брисел, Виена, Будимпешта, Приштина и Скопје. Во јуни 2025, песната “Rough Reel”, создадена заедно со Herzel, беше издадена на винил како дел од компилацијата “Volume Four” на лондонскиот лејбл “Kultur Galerie”.

Мартина Пенева

Мартина Пенева е мултидисциплинарен уметник од Скопје. Музичката кариера како диџејка ја започна во 2021 година со звучен идентитет на границата помеѓу техно и транс музиката преку спој на психоделични бранови. Главниот фокус во нејзините сетови е на hypnotic dark techno, psychedelic, acid и break beat. Дел од нејзините перформанси се на Биеналето за млади уметници во МСУ, Манифеста Биенале во Приштина, Скопје Прајд, Здраво Млади, Земјотрес, Д-фестивал. Сцената ја има делено со голем број македонски и странски артисти меѓу кои: Parrish Smith, Volition Immanent, Ian Blevins, Ness, Bufiman, Back to Mars, Braincell и други.

Беше дел од резидент диџеите во Амок Радио со нејзината месечна емисија “In Between”, чија идеја беше да претставува една состојба каде општествените улоги исчезнуваат, движењето го заменува јазикот, а телата се синхронизираат во заеднички исконски ритам.

Поддржувачи на фестивалот:
Europe House Битола
Општина Битола, БитФест 2025

Дизајн на постер: somehowalsome

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни