Викенд со временски пресврт: силен ветер и дожд, па сонце и 22 степени

Саботата носи променливо облачно време, локален дожд и силен северен ветер, а неделата ќе биде сончева и потопла со температури до 22 степени.

Викендов во Македонија ќе донесе две различни временски слики: саботата ќе биде променливо облачна со сончеви периоди, повремен локален дожд и услови за ретки грмежи, особено во источните делови од земјата, додека ќе дува умерен до засилен, а повремено и силен северен ветер со брзина над 70 километри на час. Дневната температура ќе се движи од 7 до 18 степени, зависно од регионот.

Во Скопје, саботата ќе биде променливо облачна, со умерен до засилен северен ветер. Иако не се најавуваат поизразени врнежи за главниот град, ветровитото време ќе биде едно од главните обележја на денот.

Неделата, пак, носи постабилно време. Се очекува сончево и топло време со мала до умерена локална облачност, а температурите низ земјава ќе се движат од минимални -1 до 8 степени, до максимални 15 до 22 степени. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.

Токму ваквото нагло менување на времето, од ветровито и нестабилно кон посончево и потопло, кај дел од граѓаните може да донесе чувство на замор, главоболка, намалена концентрација или раздразливост. Во денови со силен ветер и осцилации на температурата, почесто се чувствуваат и метеочувствителните лица, па викендов може да се очекува дел од луѓето потешко да го поднесуваат ритамот на денот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни