Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ ќе се одржи од 3 до 14 јуни во неколку културни институции во Скопје како МСУ Скопје, МКЦ, КСП Центар-Јадро и Театар Комедија.
Ова фестивалско издание со тема ЈУГОКВИР, како што информираат организаторите, ќе понуди богата и интензивна културна, теориска и уметничка содржина што ги обединува квир, феминистичките и антикапиталистичките перспективи од постјугословенскиот простор.
Фестивалот почнува на 3 јуни во МСУ, со отворањето на изложбата „Панк, супкултура, социјализам, архиви и фотографии од Словенија“.
„Централниот фокус на ова фестивалско издание се однесува на историските и контекстуалните нијанси, критичките и политичките телесни тактики и афективните реартикулации употребени во квир и квир феминистичките перформативни и кореографски практики. Овие практики ќе бидат анализирани во однос на вкрстувачките режими на угнетување, како што се хетеронормативноста, патријархатот, етнонационализмот, расизмот, авторитаризмот, државното насилство, религиозното непријателство и неолибералниот капитализам“, наведено е во соопштението.
На 4 јуни во Јадро програмата ќе продолжи со симпозиумот „За квир културата, Балканот, Источна Европа и глобалните транс побуни“, со учество на теоретичари, уметници и активисти: Марина Гржиниќ, Тјаша Канцлер, Весна Липоник, Јануш Чех и ДК. На 5 јуни во МКЦ, ќе се изведе перформансот на Алма Гачанин „Колку добро се покажа денес/How Well Did You Perform Today“, во партнерство со фестивалот Прво па женско. На 8 јуни во Театар Комедија ќе се одржи вечерта на раскажување квир приказни под наслов СРАМОТА!, во соработка со ПичПрич.
На 12 јуни, во МКЦ, следува танцовиот перформанс „Нестабилни другари/Unstable Comrades“ во концепт и кореографија на Игор Коруга, а на 13 јуни, исто така во МКЦ, ќе биде изведено кореографското соло „Атрас/Atrás“ на Александар Георгиев – Аце. Фестивалот ќе се заокружи на 14 јуни во КСП Центар-Јадро со перформансот „Dissolutions“ на Маја Зечо и отворање на нејзината самостојна изложба „Незгодни иднини“, во кураторство на Џон Блеквуд.