Како различните видови кафе влијаат на нашиот организам

Начинот на подготовка на кафето може да влијае на нивото на холестерол и здравјето на срцето. Дознајте кои видови кафе се најбезбедни.

Кафето е еден од најпопуларните пијалаци во светот и за многумина претставува неизбежен дел од секојдневието. Освен што обезбедува енергија и концентрација, начинот на кој се подготвува кафето може значително да влијае и врз здравјето, особено врз срцето и нивото на холестерол во крвта. Научните истражувања покажуваат дека разликата меѓу различните начини на подготовка не се однесува само на вкусот, туку и на влијанието врз организмот.

Кафето природно содржи масла познати како дитерпени, супстанции кои можат да го зголемат нивото на лош холестерол во крвта. Количината на овие материи што завршуваат во шолјата најмногу зависи од начинот на подготовка. Токму затоа некои видови кафе се сметаат за подобар избор кога станува збор за здравјето на срцето.

Филтер кафето се смета за најдобра опција за луѓето кои внимаваат на нивото на холестерол. Хартиениот филтер ги задржува поголемиот дел од маслата што можат да влијаат врз крвните садови, додека во напитокот остануваат кофеинот, аромата и корисните антиоксиданси. Некои истражувања дури покажуваат дека луѓето кои редовно пијат филтер кафе може да имаат помал ризик од срцеви заболувања.

Инстант кафето исто така се смета за релативно безбедна алтернатива. Во текот на индустриската обработка се отстранува голем дел од маслата што можат да го зголемат холестеролот. Иако неговиот вкус не им е омилен на вистинските љубители на кафе, во однос на влијанието врз срцето се смета за умерен избор.

Еспресото се наоѓа некаде помеѓу овие два типа. Бидејќи не се користи хартиен филтер, дел од природните масла сепак остануваат во шолјата, што може да се забележи и во кремастата пена на врвот. Сепак, количината е мала бидејќи еспресото се консумира во мали дози, па за повеќето здрави луѓе две до три шолји дневно обично не претставуваат проблем.

Од друга страна, традиционалното турско или домашно кафе се смета за најнеповолно кога станува збор за холестеролот. Бидејќи се подготвува со вриење и се консумира заедно со талогот, во напитокот останува поголема количина дитерпени. Поради тоа, лицата со покачен холестерол или срцеви проблеми треба да го ограничат неговото консумирање.

Експертите наведуваат дека за здрави возрасни лица безбедната дневна количина изнесува до околу 400 милиграми кофеин, што одговара на неколку шолји кафе во текот на денот. Сепак, кај бремените жени, лицата со висок крвен притисок или проблеми со спиењето, препорачаната граница е пониска.

Иако кафето има бројни придобивки, важно е да се обрне внимание на начинот на подготовка и количината што се консумира. Со умереност и правилен избор, омилениот напиток може да остане дел од секојдневната рутина без значително влијание врз здравјето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни