„Видик“ вечерва стартува со книги, концерти и театар

Третото издание на фестивалот „Видик“ почнува вечерва во „Литература.мк“ со книги, концерти, театар и богата културна програма.

Третото издание на Фестивалот за литература и општа култура „Видик“, во организација на „Литература.мк“, почнува вечерва, 25 март, во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. Отворањето е со промоција на книгата „Филмот и пропагандата во дигиталната ера“ од Сашо Кокаланов, во издание на „Арс Ламина“.

Книгата ќе ја промовираат Елеонора Венинова, Владимир Блажевски и Отец Пимен, а модераторка на настанот ќе биде Оливера Ќорвезироска. Во изданието, Кокаланов се занимава со пропагандата низ историски, современи и дигитални перспективи, отворајќи прашања за нејзините облици, функции и присуство во филмот и стриминг-културата.

Годинешниот „Видик“ ќе трае до 8 април и ќе понуди разновидна културна програма. Во четврток, на 26 март, ќе настапи „Фанк шуи“, а ден подоцна, на 27 март, на Светскиот ден на театарот, ќе се одржи промоција на „Театарски приказни“ од Митко Бојаџиски, проследена со актерска изведба, по што ќе следува концерт на „Night And Day Quartet“.

На 28 март е најавен донаторски настан поврзан со книгата „Облеката и модата, од праисторијата до денес“ од Зорка Тодорова-Младеновиќ, во организација на „Ротари клуб Скопје Центар“. На 30 март ќе се изведе дуодрамата „Љубовни писма“ со Игор Ангелов и Верица Недеска, а на 1 април концерт ќе одржи „Skopje Jazz Inc.“.

Во програмата е и настанот „Изборот на Тони Зен“ на 2 април, кога раперот ќе претстави нов премиум-сет со два албума на винил и две стихозбирки, збогатен со настап во живо со бенд. На 3 април концерт ќе има Павле Михаиловиќ од Белград, кој пред скопската публика ќе ја претстави музиката од претстојниот албум „New Balkan Jazz“.

На 4 април ќе се одржи промоција на изданието „Во тивок модус“ од Јана Андреевска, со пијано-изведба на Дино Имери, а на 6 април ќе биде промовиран новиот трилер „Луѓе-сенки“ од Сашо Кузмановски. Следниот ден, на 7 април, е закажана интерактивната дуодрама „Те чекам“, по што ќе настапи џез-составот „Parussion Group“.

Фестивалот ќе заврши на 8 април со концертна промоција на книгата „Македонскиот вокален мелос во современиот контекст“ од Вера Милошевска, по што ќе следува и настап на „Вера Милошевска трио“ со Бранислав Николов како специјален гостин.

За музичките настани и театарските изведби влезот е со влезници, кои се достапни во „Литература.мк“, во „Дајмонд мол“ и онлајн. Со секоја влезница следува подарок.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни