(Видео)Драма на летот од Хангжу до Сеул на 10.000 метри: Пожар го принуди авионот принудно да слета во Шангај

Пожар избувна во авион на лет од Хангжу до Сеул поради прегреан power bank. Авионот принудно слета во Шангај. Никој не е повреден, но инцидентот го отвори прашањето за безбедноста на литиум-јонски батерии.

Летот Air China A312 од Хангжу до Сеул се претвори во вистинска драма кога за време на летот во кабината избувнал пожар. Додека авионот летал на височина од околу 10.000 метри, патниците забележале дим што се ширел од преградата за рачен багаж над седиштата.

Според официјалните информации, причината за инцидентот била прегреана преносна батерија (power bank) што се наоѓала во преградата над седиштето.

Пожарот избувнал додека авионот се наоѓал над Кина, поради што летот CA139 бил итно пренасочен и присилно слетал на Меѓународниот аеродром Пудонг во Шангај.

Паника во кабината, брза реакција на екипажот

На снимки што се појавија на социјалните мрежи може да се види густ чад што ја исполнува кабината, како и исплашени патници кои во паника викаат: „Побрзо, побрзо!“, додека членовите на екипажот се обидуваат да го стават пожарот под контрола.

И покрај драматичните сцени и паниката, нема повредени патници, а екипажот добил бројни пофалби за брзата и професионална реакција во критичниот момент.

Строги правила заради литиум-јонски батерии

Кинеската Управа за цивилно воздухопловство (CAAC) уште во јуни годинава забрани внесување преносни батерии и уреди без јасна 3C ознака, според националниот стандард, токму поради сè почестите случаи на самозапалување на литиум-јонски батерии во воздухопловниот сообраќај.

Овој најнов инцидент повторно го отвори прашањето за безбедноста на овие уреди во авиони, а властите најавија детална истрага за да се утврдат сите околности на случајот.

Сличен инцидент и во Австралија

Само неколку дена претходно, слична драма се случила и во Австралија, кога на летот ZL4818 на компанијата Rex Airlines од Аделаида до Брокен Хил, дошло до пожар на моторот веднаш по полетувањето.

За време на подготовките за полетување, системот сигнализирал квар на левиот мотор, а неизгорено гориво се запалило, предизвикувајќи пламен и дим кои излегувале од моторот. Летот веднаш бил прекинат, а патниците евакуирани на пистата и со автобуси вратени во терминалот.

И во овој инцидент нема повредени, авионот е вратен на станица, компанијата спроведува внатрешна ревизија, а Австралиската агенција за безбедност во сообраќајот (ATSB) отвори официјална истрага, пренесува Daily Mail.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни