„Жените можат да бидат солидни и квалитетни возачи. Докажавме дека сме рамноправни и дека можеме исто како мажите“, вели Ленче Попчева, искусна натпреварувачка која со години е дел од автомобилските натпревари. Сања Блажевска Васиќ, пак, која го освои третото место во класата до 1400 кубни сантиметри, додава: „Ова не е спорт само за мажи – добрите возачи не познаваат пол, туку само вештина и љубов кон воланот“.
Покрај искусните имиња, овогодишното рели донесе и големи изненадувања, меѓу кои и учеството на познатата пејачка Тамара Тодевска, која со својата сестра Тијана Дапчевиќ како совозачка го освои четвртото место во категоријата на возила до 1600 кубни сантиметри.

Со секоја година, „Женско рели“ расте, носејќи сè поголем број учеснички и поголемо влијание во менувањето на перцепцијата за жените во автомобилизмот. Потпретседателката на Автомобилската федерација на Македонија, Кристина Станојковска, вели: „Сѐ почесто гледаме жени кои влегуваат во светот на автомобилизмот со сериозни амбиции. Ова рели покажува дека возењето не е прашање на пол, туку на вештина и посветеност“.

Шестото издание на „Женско рели 2025“ ја потврди оваа визија – жените зад воланот се иднината на автомобилизмот во Македонија.