Телескопот „Џејмс Веб“ детектираше огромна, ултрамасивна галаксија која, според пресметките, се појавила пред 12,8 милијарди години. Таа е толку комплексно структуирана што може да ѝ припаѓа само на најспектакуларната категорија на галаксии – спирална галаксија со висок степен на уреденост, пишува РТС.
Името го добила по Шулонг, змеј од кинеската митологија, а нејзиното откритие е детално опишано во научното списание Astronomy & Astrophysics.
„Шулонг покажува дека зрели галаксии се појавиле многу порано отколку што претходно се мислеше – во првите милијарда години по Големата експлозија. Нашето откритие нуди клучни информации за моделите на формирање на масивни галаксии и потеклото на спиралните структури во раниот Универзум“, пишува тимот научници предводен од астрономот Менгјуан Сјао од Универзитетот во Женева, Швајцарија.
Во Универзумот околу нас денес, галаксиите постојат во различни облици и големини. Лентикулярните галаксии наликуваат на нејасни дамки без прецизна форма, додека спиралните галаксии имаат јасно дефинирани спирални краци што се извиваат од нивниот центар.
Спиралната галаксија со висок степен на уреденост е највеличествено структуираниот вид на галаксија, со нагласени, добро оформени и видливи краци кои се извиваат од светол, јасно дефиниран галактички центар – идеалната слика за тоа како треба да изгледа една спирална галаксија.
Истражувачите сè уште немаат прецизна претстава за тоа кога точно започнало формирањето на спиралните галаксии, но тие се доста ретки и речиси воопшто не се среќаваат во податоци постари од 11,5 милијарди години.
Шулонг е случајно откриена во податоците собрани од телескопот „Џејмс Веб“ за време на неговото „Панорамско истражување“ – кампања за набљудување на галаксии од Космичката зора, првите милијарда години по Големата експлозија.
Зошто Шулонг е неверојатна
Иако истражувањето открило и други масивни галаксии, Шулонг, како што велат научниците, е навистина извонредна.
„Има зачудувачки развиена морфологија: благо испакнување (булџ) плус ѕвезден диск што создава нови ѕвезди, а тука се и спиралните краци со висок степен на уреденост (дефинирани како структури што ја опфаќаат целата галаксија – од јадрото до периферијата – со краци што започнуваат од дијаметрално спротивни точки). И сето тоа постои во рамки на првата милијарда години по Големата експлозија“, пишуваат истражувачите.
Покрај тоа, новооткриената галаксија е доста голема за објект од раниот Универзум – со пречник од околу 62.000 светлосни години и маса што може да се спореди со онаа на Млечниот пат.
„Она што ја издвојува Шулонг е тоа колку личи на Млечниот пат – по облик, големина и ѕвездена маса“, вели Сјао.
Изгледа дека црната дупка во нејзиниот центар мирува, што укажува дека стапката на создавање ѕвезди (од 20 до 155 сончеви маси годишно) се намалува.
Сите податоци заедно укажуваат на галаксија што веќе ги поминала најголемите предизвици во своето формирање и сега постепено се трансформира во мирна, добро дефинирана структура.
Истражувачите веруваат дека Шулонг е најрано забележаниот пример на спирална галаксија досега. Ова сугерира дека галаксија слична на Млечниот пат може да се формира многу побрзо од претходните научни претпоставки – дури десет пати побрзо.
„Присуството на сите овие карактеристики ја прави Шулонг навистина исклучителна. Таа укажува на брзо формирање и морфолошки развој на масивни галаксии во раниот Универзум“, заклучуваат истражувачите.