Видео: Вонредна состојба во делови на Британија поради бурата Еовин

Ветерот достигнува брзина и до 160 километри на час. Црвени предупредувања се издадени за Северна Ирска и делови од Шкотска

На Британските острови пристигна опасната бура Еовин, која со себе носи урагански ветрови, силен дожд и снег и е „екстремна и реална“ закана по животот. Жителите на Ирска и на островите добиваат инструкции од властите да останат дома.

Следењето на ветровите покажува дека јужните и западните делови на Ирска први го почувствувале ударот на една од најсилните бури којашто некогаш ги погодила Британските острови, со ветрови кои дуваат со јачина од над 130 километри на час уште во 3 часот наутро.

Милиони луѓе ќе се најдат на патот на овој вител, кој, пишува „Дејли мејл“, би можел да стане бура на векот и еден од најголемите метеоролошки предизвици во Британија во последните децении.

Во Северна Ирска, јужната половина на Шкотска, северна Англија и во северен Велс на сила се портокалови предупредувања за ветер. Во тие предели се очекуваат ветрови со брзина од 100 до 115 километри на час. Жолтото предупредување за ветер покрива голем дел од Обединетото Кралство, додека мали жолти предупредувања за снег се издадени во Шкотска (од 6 часот наутро до полноќ) и за дожд во југозападна Англија и Велс (до 9 часот наутро).

Во овие делови се затворени училиштата, а нема ниту јавен превоз. Урнати се далноводи, има оштетувања на инфраструктурата и прекини на струја.

Полицијата во Северна Ирска прогласи вонредна состојба, очекувајќи ги најсилните ветрови во регионот по бурата Свети Стефан во 1998 година, која предизвика големи штети. Прекинат е железничкиот сообраќај, а летовите се ограничени.

Премиерката на Северна Ирска Мишел О’Нил и нејзината заменичка Ема Литл-Пенгел апелираа до граѓаните да останат дома. „Огласен е црвен аларм за цела Северна Ирска“, рече Пенгел.

Претседателот на ирската Национална координативна група за вонредни состојби, Кит Леонард, рече дека бурата Еовин ќе биде една од најмоќните бури во историјата на Ирска.

,,Тоа ќе биде деструктивен, опасен и разорен временски настан. Најважната порака е дека сите треба да останат во своите домови додека се на сила црвените предупредувања“, додаде тој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни