Авионот исчезнал од радарот во четврток, а беше пронајден вчера благодарение на локалните рибари во боливискиот регион Амазонас.
Преживеаните – три жени, едно дете и 29-годишниот пилот – беа пронајдени во „одлична состојба“, рече Вилсон Авила, директор на центарот за итни интервенции на одделот Бени.
Операција за пребарување и спасување започна во четврток откако авионот исчезна од радарот за време на летот од Баурес, во северна Боливија, до градот Тринидад.
Пилотот Андрес Веларде за локалните медиуми изјави дека доживеал дефект на моторот, поради што бил принуден да направи итно слетување во близина на реката Итаномас.
Авионот слетал во мочуриште во близина на лагуна, каде што петте патници биле заробени врз остатоците, опкружени со диви животни.
„Бевме опкружени со алигатори кои се приближија на три метри од нас“, рече Веларде. Тој додаде дека верува оти истекувањето на горивото од авионот ги спречило предаторите да им се приближат. Тој додава дека забележале и анаконда во водата.
Додека чекале помош, патниците успеале да преживеат благодарение на брашното од касава што го донела една од патничките. „Не можевме да пиеме вода и не можевме да се движиме никаде поради алигаторите“, рече пилотот.
Откако рибарите ги забележале остатоците, на местото на несреќата бил испратен хеликоптер и преживеаните биле пренесени во болница. Рубен Торес, директор на здравствениот оддел на регионот Бени, изјави дека за време на пребарувањето имало „многу шпекулации и различни теории“ за исчезнувањето на авионот.
„Навистина сум среќен бидејќи на крајот сите служби се здружија и успеавме да ги пронајдеме исчезнатите и да им ги спасиме животите“, изјави Торес за Ројтерс.