Во Суботица се одржа познатата трка Дужијаница, едно од најпрестижните натпреварувања на српската коњичка сцена, а победата ја однесе Демон Дел’Ест, коњ во сопственост на кошаркарот на Денвер Нагетс, Никола Јокиќ.
Откако неговиот коњ прв ја помина целта, Јокиќ заплака од среќа и лично им честиташе на џокејот Кармине Пискуољи и на тренерот Владимир Прибиќ. Тој гордо излезе на патеката за да ја прослави големата победа заедно со нив.
„Го кажав тоа одамна, ги доживеав сите мои големи победи и порази тука, во овој спорт. Сите луѓе овде со кои заедно го правиме ова се мои пријатели, мои семејни пријатели, сите тие го доживуваат ова исто како и јас. Го правиме ова како хоби, ова е прилика да се дружиме, да се забавуваме и да уживаме во животот“, рече Јокиќ.
Српскиот центар, традиционално летува во својата земја, а годинава во Европа се очекува да остане нешто подолго поради настапот на Европското првенство во кошарка.