Во вторник на 30 мај ќе се одржи промоција на „Денот кога заборавивме да плачеме“ најновиот наслов од Магдалена Стојмановиќ Константинов и со ко-авторство на вештачката интелигенција, во Музеј на град Скопје.
Колку и да звучи нереално тука е, вештачката интелигенција напаѓа на секое поле од животот. Освен овој пример во домашната литература се забележуваат уште неколку примери каде е користена ВИ. Бранко Прља беше првиот кој употреби ВИ за генерирање илустрации.
Во книгата „Еднаш Курт Кобејн тропал со лажици по куфери…“ од Бранко Прља се користени илустрации направени со помош на вештачка интелигенција наречена Стејбл Дифјужн (Stable Diffusion).
Се работи, најверојатно, за прва таква соработка помеѓу човекот и вештачката интелигенција во историјата на македонската уметност, графички дизајн, литература и издаваштво.

Уште едно литературно дело напишано комплетно од ВИ е „Охридски преданија од иднината“. Легендите, личностите, градбите и сѐ останато е целосно генерирано со помош на вештачка интелигенција на Суперкомпјутерот во лабораториите на Анис Сефиданис во Охрид, професор на Факултетот за машинска интелигенција и роботика при Универзитетот за информатички науки и технологии Св. Апостол Павле.
Анис Сефинадис и бил инспирација и на Константинов да се зафати со пишување ваков тип расказ за кој ќе каже дека е скоро невозможно да се разликува од останатите чиј автор е таа.
Збирката содржи 9 раскази, од кои 8 се напишани од авторката, а еден од расказите во збирката е генериран од софтвер на вештачка интелигенција. Задачата на читателот ќе биде да се обиде да одговори кој од расказите не е на авторот. На тој начин со помош на книгата се ангажира читателот во поширок експеримент на демаркација на човечкото авторство и производи на ВИ.
Скептичноста на обичниот човек кон напливот на вештачката интелигенција, роботизацијата, андроидизацијата и нови софтверски решенија ја подгрева вечната носталгичност на човекот кон враќање во нешто кое се претпоставува дека е изгубено, или на човекот му е одземено.
ТРН: Со оглед на тоа што си меѓу првите автори што има објавено дело што е напишано од ВИ, раскажи ми за идејата, од каде поривот?
Магдалена: Како студент се интересирав за когнитивна наука, а како уметнички жанр секогаш најмногу ме привлекуваше научната-фантастика, дистописките романи и филмови. Во студентските денови, го открив Алан Туринг и неговиот тест, наречен по него „турингов тест“. Овој научник, направил мини експеримент користејќи софтвер и човек. Задачата на тестираните луѓе била да откријат дали комуницираат со комјутер или со реален човек. Се воспоставило на крај дека скоро сите учесници во експериментот не биле сигурни дали обавиле разговор со човек или со компјутер. Односно комјутерот успеал да ги убеди луѓето кои учествувале во експериментот дека комуницираат со друго човечко суштество. За мене ова беше големо откритие тој период и сакав да го вметнам во пракса. Никогаш полесно не ми се наклонија околностите тоа да го направам одошто сега кога новиот софвер на ВИ – ChatGPT е толку достапен и употреблив за различни нешта. Се обидов да истестирам дали може да напише расказ по претходно издадени команди, така што нели, расказот нема да се разликува многу од другите. Верувајте добив таков расказ зад кој со сигурност би можела да се потпишам како автор. Едноставно стојам зад јазикот, структурата, мислата и идејата на расказот кој го генерираше ChatGPT. Морам да признам на крај од тој расказ, генериран од софтверот на ВИ морав да додадам само една реченица, која ќе е поентирачка, но се претходно е баш онака како што би го напишала и јас, а можеби и подобро.

ТРН: Дали сметаш дека вештачката интелигенција е на добар пат да го замени креативниот ум на човекот во иднина и дали ти како автор се плашиш од тоа, од тој тип конкуренција?
Магдалена:Гледам како голем број автори, уметници од петни жили се трудат да ја „соборат“ креативноста на ВИ, но јас го немам тој проблем. Мислам дека односот на човечката и вештачката интелигенција може да стане убав однос заснован на соработка. Кога човекот би бил свесен и сигурен во себе, нема потреба да се плаши дека ќе биде заменет од ВИ. Кога го „порачував“ расказот од софтверот на ВИ, морав да му дадам идеи во која насока да го пишува расказот, а тој ми даде производ кој е креативно поврзување на тие идеи. Всушност ние соработувавме да го изгенерираме тој расказ. На софтверот немаше да му „текне“ да генерира баш таков расказ, а мене немаше да ми „текне“ да го обработам баш на таков начин. Размислував за тоа како би можел да се напише расказот, со таа поента, дејство и тие ликови и имав сосема поинаква замисла, решението што ми го понуди софтверот за мене беше поприфатливо. Тука авторството мое и на софтверот постојано се испреплетуваат, но не сум сигурна кој кому е тука алатка. Не би се осудила да кажам дека софтверот не е автор, затоа што е изненадувачки многу креативен, а не би можела да тврдам дека може да произведе идеи без моја команда. Така што соработката во однос на авторство, барем за уметнички дела, кои се потпираат на креативност е задолжителна.

ТРН: Дали авторството на човекот се разликува од авторството на софтверот на ВИ?
Магдалена:Мојата збирка раскази „Денот кога заборавивме да плачеме“ покажува дека читателот не може да ја препознае разликата, дали таа постои не знам. Можеби ќе треба да испрашаме некој софтвер на ВИ да провери дали по сите објективни внатрешни параметри може да се пронајде некоја разлика помеѓу текстовите напишани од мене и текстот напишан од ChatGPT. Поентата на доживувањето на авторството е дека тоа е секогаш субјективно. Засега само јас ја знам вистината кој од расказите не е мој. При тоа, во отсуство на критериуми, можам да дадам сосема погрешен и симулиран одговор. Може сите раскази да се мои, може ниту еден да не е мој, можеби повеќе од еден од расказите не се мои. Едноставно вистината во ситуација кога нема објективен критериум да ја претстави, е целосно субјективна, а кога е субјективна таа може да се прикрие или да се претстави обратно (да се каже лага). Од целава апоретична ситуација во која ќе се најдеме, бидејќи контекстот е многу поширок одошто претпоставив на почетокот, има само еден апел кој сакам да го упатам. Мора да постои критериум, јак и објективен за тоа што е авторско дело. Дали авторството ќе се потпира на уникатност, оригиналност, неповторливост, невиденост? На што се потпира авторството, а при тоа да немаме сите различни дефиниции за тоа што е оригиналност. Туку една дефиниција, претставена и операционализирана, така што може да се примени методолошки во секоја една ситуација. Само во тој случај ќе можеме со сигурност да одговориме што е уметнички производ, а што е креација на софтвер.
ТРН: Дали на ВИ треба да и се признае авторство и авторски права?
Магдалена: Добрата работа во целава приказна е што софтверот што ми го изгенерира расказот не може веќе да го препознае како свој. Ако го прашате дали тој го напишал расказот, ќе рече дека не знае. Софтверот за разлика од мене, нема поседувачки однос кон она што го пишува. Можеби авторството се крие токму во таа наша желба да ставиме потпис зад се што ќе направиме, напишеме и создадеме, софтверот ја нема таа потреба (да не речам мака). Исто така, авторот на расказот кој се најде во мојата книга, нема име и презиме, не се претставува ниту како маж, ниту како жена, нема возраст, потеклото му е неважно, ги зборува сите светски јазици, нема националност. Поради отсуството на „сингуларност“ како што би кажал мојот рецензент Лазе Трипков, на овој софтвер не можеме да му напишеме авторска референца и да сакаме. Но ако сепак еден ден, тоа од нас се побара, некаква академска коректност во референцирање и наведување на изворите, според мене нема проблем. И така живееме во свет каде секој има право за се нешто и правата од ден на ден само ни растат по геометриска пропорција, а должностите и одговорностите по аритметичка, па зошто и овој софтвер да не си има свои права. Јас немам ништо против!

ТРН: Дали некој кој што ги има прочитано расказите препозна кој е расказот напишан од ВИ?
Магдалена: Мојата лекторка Јасмина, погоди кој од расказите не е мој, но рече дека од првото читање била сигурна дека се работи за сосема друг расказ. Од второто читање не беше сигурна дали расказот што не е мој е тој што е генериран од софтвер на ВИ или сосема друг расказ што јас го напишав. Како што реков нејзиниот одговор е исто толку индикативен, колку и на оние читатели кои од прва дадоа еден и погрешен одговор. Просто е јасно дека не е лесно да се препознае кој е автор на кој расказ. Останува само јас да го откријам и ќе го сторам тоа на промоцијата на книгата. Би сакала да видам дали читателите ќе ја сменат перцепцијата кон тој расказ што не е мој, отткако ќе ја дознаат вистината.
ТРН: Што е заедничко за сите раскази? Споменуваш дека носечки расказ во книгата е „Горчина во устата“ кој е можеби најхуманистички од сите останати а додека останатите се апоретчни и немаат дејство, ниту разврска. Што сакаш да постигнеш со овој начин на израз?
Магдалена: Првиот расказ е носечки и можеби најтрогателен затоа што темата е војна, а кога се пишува за човечко страдање, авторот мора да биде суров и прецизен во прикажување на сите ужаси што ги носи војната. Само така можеби како човештво конечно ќе сфатиме каква штета правиме со непријателствата, поделбите, жртви сме на стереотипи, на малограѓанштина, на рекла казала, ближните ни се странци, не ги познаваме ниту оние со кои живееме затоа што единствено нешто што ни паѓа најтешко во животот е досадата која најчесто доаѓа поради отсуство на сопствено задоволство и исполнување на егоистични потреби. Во тие случаи, холограмот водител кој покажува повеќе емпатија кон Зерина како трагичен исход од војната ни одржува лекција за човечност. Оти тој како холограм во тој момент е многу поголем човек, од оној со тело во публиката кој довикува дека Зерина е луда и лесна жена. Ако сме такви како човештво, воопшто не ми е криво да не заменат холограми и да еволуираме во хуманоиди.
Што се однесува до другите раскази, сите тие за разлика од првиот се пишувани во подалечна иднина и идејата е да покажат како би можела иднината да изгледа ако човекот остане инертен, незаинтересиран за другите, ако ја препушта одговорноста на другите, говори за сопствените права, а заборава на одговорности, ако му е полесно некој друг наместо него да му го избере „вистинскиот“ затоа што се плаши од грешки и поентата е да е непогрешлив. Идејата е да се види дали една справа како намероскоп може да биде навистина непогрешива во носење на правдата иако прибегнуваме кон тоа, за да ја отстраниме „човечката грешка“ што е можно повеќе. Едноставно денешниот човек се плаши од грешки и затоа му требаат милион тестови и апаратури да му потврдуваат дека нешто е така (дигитрон да пресмета, потсетник да види нешто, мерач за притисок да му покаже дека е добар – барем кај хипохондриците, часовник да му го измери времето), човекот денеска е претворен во квантитет. Забораваме дека обиди и грешки се фундаменталните модели на учење, а учењето е единствената човечка способност која може да му помогне и го спаси.
ТРН: Неодамна прочитав еден роман од Казуо Ишигуро, „Клара и сонцето“ каде авторот дистописки раскажува за едно пријателство меѓу едно девојче и еден хуманоиден робот Клара. И тој исто така на крајот поентира и покрај тоа што се работи за вештачка интелигенција, сепак има чувства. Дали и ти сметаш дека на крајот емоциите ќе преовладаат без разлика дали се работи за човечка или вештачка интелигенција?
Магдалена: Да дефинитивно. Човек има потреба од блискост. Ако не ја добива од другите луѓе, затворен во соба цел ден, пред екран (како повеќе од нас, особено децата денеска), тие ќе стапуваат во комуникација со софтвери на ВИ. Нив ќе им ги споделуваат тајните, кај нив ќе се обраќаат за совет, софтверот нема да ги осуди ако му побараат да им напише ученички состав на некоја тема и им ја олесни задачата. Не е исклучено човек да создаде блискост поголема со виртуелниот карактер одошто со оној со кого живее во иста куќа. Но тоа не е последица на „имање“ комјутер, или достапност на софтвер на ВИ, тоа е последица на она како човечките односи изгледаат денеска и како луѓето (не)комуницираат меѓусебно.
Интересното со Ава и Том од моите раскази е дека и тие на крајот покажуваат светкања на очите и помеѓу нив како да се јавува некој флерт. Ава е хуманоид, а Том е човек. Читателот може да прочита само дека во очите на двајцата искрат искри (знак на привлечност) и обично интуитивно сите мислат хуманоидот е тој што „глуми“ и симулира емоции, зошто човекот е способен за автентично доживување на љубов. Ама кој вели дека е така? Тоа е наше убедување за самите нас. Ако го прашате хуманоидот и тој ќе ви одговори дека е способен за љубов и еве бихејвористички ја манифестира на идентичен начин како човекот. Од друга страна јас не сум видела поисфолирано суштество од човекот. Човекот е суштество на театарот, на глумата, на перформансот, на мимкријата, на симулацијата, на лагата. Затоа прво да се реобмислиме себе како род, пред да сме убедени дека ВИ е таа што е опасна за нас и ја најавува нашата „апокалипса“. Можеби емоциите на Ава кон Том се многу пореални, одошто првично претспоставуваме и можеви Ава многу повеќе ќе му помогне на Том одошто некој што има човечко тело и спаѓа по сите карактеристики во „хомо сапиенс“.