Најголемото ВИ – истражување досега: 81.000 луѓе, 159 земји, исти стравови

Anthropic интервјуирал корисници на Claude од 70 јазици и открил дека надежта и стравот не ги делат луѓето во два табора, туку коегзистираат во секој поединец.

Anthropic го спровел најголемото квалитативно истражување во историјата на вештачката интелигенција досега. Во декември 2025, преку специјализиран ВИ-интервјуер, компанијата собрала искази од 80.508 корисници на Claude од 159 земји на 70 јазици. Резултатот: луѓето не се поделени на оптимисти и песимисти, туку секој истовремено ги носи и двете.

Професионалната извонредност е врвната желба

Најголемата група испитаници, 19%, сака ВИ да ги ослободи од рутинските задачи за да се фокусираат на стратешка и смислена работа. Уште 9% го гледаат ВИ како партнер за градење и скалирање бизниси. Но кога интервјуерот прашувал за длабинската мотивација зад продуктивноста, одговорите се менувале: не станувало збор за подобра работа, туку за поквалитетен живот надвор од неа.

81% веќе добиле нешто од ВИ

Осум од десет испитаници потврдиле дека ВИ веќе направил чекор кон нивната визија. Најчесто наведуваната корист е продуктивноста, но значајни се и когнитивното партнерство (17%), учењето (10%) и емоционалната поддршка (6%). Заедничкиот именител на сите категории: трпеливост, достапност и отсуство на осудување. Украински корисници опишувале разговори со Claude за време на гранатирање, а луѓе во жалење го избирале ВИ пред блиските бидејќи, цитираат, „има неограничено трпение”.

Стравот е конкретен, не апстрактен

Најчестата загриженост е несигурноста на ВИ-системите, посочена од 27% испитаници. Следуваат загриженоста за работните места и економијата (22%) и загубата на човековата автономија (22%). Когнитивната атрофија, стравот дека ВИ ќе го истроши капацитетот за самостојно размислување, ја споменуваат 16%. Карактеристично: 81% од оние кои говореле за придобивките во учењето тоа го потврдиле со лично искуство, додека 46% од оние кои се плашат од когнитивна атрофија веќе ја забележале кај себе.

Светот не е поделен, но не е ни ист

Регионалните разлики се јасни. Во Африка, Латинска Америка и Јужна Азија, ВИ се перцепира како механизам за заобиколување на капиталот, пристап до образование и економска мобилност. Во богатите земји доминира желбата за управување со комплексноста на секојдневниот живот. Западна Европа е најзагрижена за надзор и приватност, Источна Азија за когнитивна атрофија и загуба на смисла. 67% од сите испитаници имаат нето позитивен став кон ВИ, но тој процент е конзистентно повисок во земјите со пониски приходи.

Светлото и мракот се испреплетени

Истражувањето идентификува пет клучни тензии каде придобивката и штетата произлегуваат од истата способност на ВИ: учење наспроти когнитивна атрофија, подобри одлуки наспроти несигурност, емоционална поддршка наспроти зависност, заштеда на време наспроти илузорна продуктивност, економско зајакнување наспроти губење на работата. Она што истражувањето го потврдува: луѓето кои најмногу ја вреднуваат некоја придобивка, исто така најмногу се плашат од нејзиниот темен двојник.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни