Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при УКИМ го претстави својот Центар за дигитални и информатички технологии на годинешниот АИ самит во Скопје. Настанот, кој по третпат се одржува во Македонија, ги обедини водечките експерти, компании и академски претставници во областа на вештачката интелигенција.
Професорот Боро Јакимовски, кој беше дел пд самитот, во интервју за Трн вели дека ФИНКИ уште од своето основање има јасна визија за развој на националниот дигитален екосистем.
„ФИНКИ уште од самото создавање активно работи на развој на екосистемот поврзан со дигиталните и информатичките технологии. Нашите активности се насочени кон поддршка на компаниите во развојот и продлабочувањето на нивните производи и услуги со користење на модерните технологии,“ вели проф. Јакимовски.
Тој посочи дека самиот настан претставува значаен момент за домашната ИТ заедница.
„ЕА самитот веќе трета година е присутен во Македонија и претставува светла точка каде се среќаваат луѓе кои ја делат визијата за новите технологии. Посебно радува што имаше и македонски говорници, успешни и дома и во странство,“ додаде тој.
Проектите на ФИНКИ
Факултетот активно работи на бројни национални и европски проекти.
„Во изминатите петнаесет години сме вклучени во многу проекти – некои академски, некои индустриски, некои научни. На самитот го презентиравме проектот EuroCC4C, кој има цел да им помогне на малите и средните претпријатија да ги вклучат високоперформансните пресметки и вештачката интелигенција во своите процеси,“ објасни Јакимовски.
Во рамките на оваа иницијатива, ФИНКИ развива и повеќе центри и алатки за дигитализација, како што се ДигитМак и Везилка.
„ДигитМак е насочен кон дигитализација на компаниите и проценка на нивната подготвеност, додека EuroCC проектите се фокусирани на обработка на големи податоци и симулации кои бараат големи перформанси,“ рече тој.

Центар за вештачка интелигенција – „Везилка“
Проектот Везилка, дел од европската иницијатива EuroHPC, има за цел развој на нови технологии и поддршка на компаниите во примената на вештачката интелигенција.
„Македонија е дел од EuroHPC и поврзана со грчкиот суперкомпјутерски центар Дедалус. Иако немаме сопствен суперкомпјутерски центар, ќе вложиме напори за поддршка на компаниите – од тренинзи, до развој на модели на вештачка интелигенција специфични за различни сектори,“ нагласи професорот.
Целта е, како што додаде, да се поттикне соработката меѓу академијата и индустријата.
„Идејата е да се создаде вистински спој меѓу знаењето од академијата и пазарната насоченост на компаниите. Таквата соработка во Македонија сè уште е мала, но овие проекти имаат потенцијал да го забрзаат развојот на целиот екосистем,“ посочи Јакимовски.
Одговорна и доверлива вештачка интелигенција
Во рамките на европските проекти, ФИНКИ активно работи и на прашањата на доверливост и етичка примена на ВИ.
„Свесни сме дека вештачката интелигенција има бројни предизвици поврзани со доверливоста. Еден од работните пакети на проектот е токму во таа насока – развој на одговорни и транспарентни системи,“ рече Јакимовски.

Вклученост на студентите
Посебен акцент се става на вклучување на младите истражувачи и студенти во овие проекти.
„Нашата тенденција е што повеќе студенти од постдипломски и докторски студии активно да се вклучат во проектите. Им нудиме можност да работат на вистински истражувачки задачи, да стекнат знаење и искуство со нови технологии и да се развијат во успешни научници,“ објасни Јакимовски.
Потенцијал на македонските АИ стартапи
Во земјава веќе постојат успешни стартапи кои користат вештачка интелигенција во своите производи.
„Имаме компании со извонредни решенија, особено во областа на маркетингот, кои веќе работат со големи меѓународни компании. Тоа покажува дека постои голем потенцијал и креативност кај македонските инженери,“ заклучи Јакимовски.