Вевчани било и ќе бидит. Василица била и ќа бидит

Симболично, со палењето на маските утре попладне, се верува дека злото ќе биде избркано, оставајќи простор за нови почетоци исполнети со здравје, бериќет и благосостојба

Со дефиле на маски кои на сатиричен начин ги отсликуваат политичките и јавните случувања од изминатата година, денеска на пладне започна традиционалниот Вевчанскиот карневал, настан кој се случува само еднаш во годината и кој го слави доаѓањето на Новата година според стариот календар. Карневалот денес е спој на паганскиот и современиот начин на прослава.

Познат по уникатниот дух и автентичниот хумор, карневалот претставува момент на радост, прочистување и подготвување за Новата година која, според Јулијанскиот календар, се дочекува вечерва.

Дефилето на маскираните Василичари, организирано од двете василичарски друштва – Горна и Долна маала, ги оживува приказните на селото. Зетот, невестата, двата ѓаволи и глупавите Августи, заедно со останатите креативни маски, ќе продефилираат низ главната улица, завршувајќи со традиционалното Василичарско оро.

Симболично, со палењето на маските утре попладне, се верува дека злото ќе биде избркано, оставајќи простор за нови почетоци исполнети со здравје, бериќет и благосостојба.

Прославата ќе кулминира вечерва со спектакуларен огномет и музички настапи на „Љубојна“, Наум Петрески, оркестарот „Вевчани“ и други. Настанот синоќа беше отворен со концерт на „Пајак“, „Ареа“ и легендарното „Забрањено пушење“.

Некои велат дека корените на Вевчанскиот карневал се постари од 1400 години, додека други тврдат дека овој спектакл датира дури и 800 години пред тоа. Оваа богата историја го прави карневалот уникатен во светски рамки, обединувајќи ги старите пагански обичаи со современите форми на уметничка изведба.

Традиционалните маски како „Зетот и Невестата“ и „Глупиот Август“ се неизоставен дел од карневалот. Останатите маски се помали или поголеми карневалски ,,групи“, кои со костимите, гестовите и движењата обично ги исмеваат и жигосуваат појавите и личностите од општествениот живот. Она што најмногу привлекува внимание се новите маски кои секоја година раскажуваат приказни инспирирани од актуелните општествени и политички случувања. Овие маестрално изработени маски не само што се уметнички дела, туку носат и силни пораки што ги поврзуваат минатото и сегашноста. 

Оваа година, Вевчани ќе биде домаќин на бројни гости од Македонија и Европа, вклучувајќи го и претседателот на Европската федерација на карневалски градови. Организаторите очекуваат рекордна посетеност и гарантираат искуство што ќе ги испразни посетителите од негативната енергија и ќе им понуди незаборавна забава.

Фото галерија

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни