Со видео кое ги спојува магичните маски, живописната традиција и незаборавниот дух на Вевчани, Europe House го прикажа едно од најголемите културни богатства кај нас.
Погледнете го карневалот како што никогаш досега не сте го виделе – низ стиховите на „Вевчани“ и уникатниот визуелен потпис.
Вевчани – место каде времето запира за три дена, а карневалскиот дух ги обединува сите генерации. Вевчанскиот карневал, со својата 1400-годишна историја, претставува уникатен симбол на смелоста, хуморот и независноста на ова мало, но моќно место во Македонија.
Со својата традиција да ги одбележува промените на годините според стариот јулијански календар, карневалот нуди спектакл што не може да се опише со зборови, ниту целосно да се долови со камера. Три дена во годината, Вевчани живее за карневалот – а остатокот од годината, за да го создаде повторно.
Во ексклузивното видео, снимено преку објективот на фотографот Томислав Георгиев и дополнето со стиховите на поетот Дарко Лешоски, се доловуваат незаборавните моменти од трите денови на маскирани креации, контроверзии и енергична прослава.
Вевчанскиот карневал е повеќе од обична традиција – тој е чувар на културниот идентитет и потсетник дека нема граници за креативноста и хуморот.
Насловна фотографија: Томислав Георгиев