Вевчани 7 август 1987: Борба за вода, борба за достоинство

Во летото 1987 година, Вевчани стана симбол на отпорот против самоволноста на „Црвената Буржоазија“, кога селаните предводени од жените се спротивставија на обидот за одземање на нивната вода


Во летото 1987 година, додека Југославија сè уште се обидуваше да го одржи привидот на братство и единство, едно мало село во југозападна Македонија го потресе системот до темел. Тоа лето, Вевчани – малото село на падините на Јабланица стана симбол на отпорот против државната самоволност.

Причината беше одлука на властите да ја пренасочат водата од Вевчанските извори кон елитната викенд населба Елен Камен, оставајќи ги Вевчанци без вода. Вевчани, селото со длабоки корени, печалбарска традиција и горд народ, стана симбол на отпорот, не со оружје, туку со глас, со тело, со достоинство.

Сè започна со водата, но не беше само вода. Беше идентитет. Беше право. Беше борба против ароганцијата на моќта. Властите решија да ја пренасочат водата од Вевчанските извори – вековен извор на живот за селото – кон елитната викенд населба Елен Камен, каде функционери од тогашната „црвена буржоазија“ уживаа во привилегиите на системот. За Вевчанци, тоа беше не само кражба на природен ресурс, туку и понижување. Беше обид да се избрише нивната историја, нивната самобитност.
Но Вевчани не молчеше.

Во време кога стравот од државата беше норма, Вевчанци се кренаа. Без пароли, без партиски директиви. Само со решеност. А жените беа први. Тие што со години го носеле товарот на семејството, на селото, на тишината, сега станаа гласни. Со мотики, со лостови, со сопствени тела, ги блокираа машините, ги спречија специјалците, ги одбија џиповите од Струга.

Ова не беше само локален отпор. Ова беше првиот вистински чин на граѓанска непослушност во Македонија по Втората светска војна. Иако медиумите молчеа, светот слушна. Новинари од странство дојдоа, документарци беа снимени, а Вевчани стана симбол на отпорот против неправдата.
Ова е приказната за тие денови. За жените што не се плашеа. За селото што не се покори. За водата што стана прашање на чест.

Сведоштва од Вевчани

– Прво беше во мај месец, дваесет и четврти беше мај. Јас дома што си седев, пиев со стрина ми кафе… викат: водата ја земале. Ја помислив – написмено ја земале. Ама кога слегов долу, гледам тишина, народ нема. Кога тоа копале кај изворите. Ни ја земаат водата… – ја почнува приказната Ружа Попоска, директен учесник во настаните во Вевчани.

Таа е една од стотиците жени кои застаа пред каналите да ги бранат изворите на Вевчани.

Ружа Попоска

-Ние затвореници сме, рече од затворот во Струга. Не донесоа да копаме, водата ќе ви ја носет Елен камен, вели еден затвореник. И јас му велам, како бре Елен Камен? Ние немаме вода лето за нас, па кај Елен Камен да пијат вода, бужованине? Од Јаков Лазаров, од Никола Џончев, од таа Уранија Попоска? Е после се пуштивме ние, жените. Нашите мажи беа на печалба и ние сами жени се боревме и ние во каналите влеговме и рековме нема да копате.

Судир со полицијата

На 7 август, специјалните сили пристигнаа во Вевчани. Пет „комбини“ со специјалци, вооружени со шмајзери и електрични палки – за првпат употребени во Југославија.

-Јас му велам на главниот: Што е, не сме ние нападнале на Југославија, вие дојдовте кај нас!’ Му реков: Немам ни мотика, ни копачка, мавјте ако ви кажале така. и се собаа жениве, специјалциве направија кордон. Јас им велам: Жени, што чекаме? Мавајте и во ендецине да се фрлиме и да си ја спасиме водава! и јас прва скокнав во огнот… раскажува Ружа.

Втора акција на полицијата – 7 август, Вевчани

-Вториот пат кога дојдоа, беше уште полошо. Еве, овде во оваа книга е сè запишано, тоа беше на седми август. Еден полицаец, мој братучед тивко на страна ми рече- Наредено е да те приведеме тебе, за да се исплашат другите. Јас му велам – Нека биде така. Ако треба, нека ме приведат. Главата си ја ставив во торба и тргнав. Прво отидовме кај Бералише, таму кај што прво застанува автобусот. Се собравме таму, собравме дрва, носевме трупци од куќите, градевме барикади. До тоа место дојдоа, погоре не можеа. Потоа ги пуштија полицајците. Во меѓувреме, кај Дрим, во колоната, кај Јумко – таму каде што беше пекарата – падна една греда, се сврти и ме удри во нога. Некој ме најде – до ден-денес не го знам кој беше – и ме однесе во болница. Јас не знам ни во која болница сум била. Се најдов легната на ќебе, околу мене жени што ми ги переа работите. Бев покриена и полека ме носеа болничарите – раскажува Ружа и вели

– А потоа беше уште полошо. Доаѓаа полицајци секој ден. Имаше, можеби, 500 резервисти само во селото. Вкупно, над 2.000 полицајци беа распоредени. Како да ја нападнавме Југославија со голи раце. Беа распоредени низ цело Вевчани… А ние – по цевките одевме. Водата одеше од Охтиси, покрај црквата, директно за Елен Камен. Ние сами ја дупевме цевката. Сите жени беа со мотики, само јас не – јас имав лост. Со лостот ја кревав цевката. Се наредивме по ред, можеби триста жени. Со лостовите ги изгорнавме цевките, ги подигнавме и ги поместивме. Тој ден повеќе полиција имаше од Вевчани отколку луѓе што има. Се јавија новинари од Белград и тогаш се разбра во цел свет во Вевчани што се прави, и дека жена Вевчанска не се плаши од полиција- вели Ружа.

Силата на вевчанските жени

Вевчанските жени одиграа клучна, но често недоволно истакната улога во одбраната на селото и заедницата. Тие не беа само мајки и домаќинки – беа организаторки, бунтовнички и прва линија на отпор против неправдата. Нивната храброст останува симбол на народна сила и достоинство. За нивната сила зборува и Васил Радионски, директен учесник во вевчанските настани и поранешен градоначалник.

-Да, голема сила беа жените. Објективно – вистинска сила. Вевчанските жени отсекогаш носеле тежок товар. Можеби поради тоа што Вевчани, како печалбарско село, често оставало жените сами да го водат домаќинството – но и заедницата. Така било и во текот на Народноослободителната борба: мажите биле на фронт или на работа, а жените останувале да ја движат секојдневната машинерија на селото. Имавме една импресивна, храбра женска борба. Пред сè, жените беа тие што застанаа први. Имаше барикада кај здравствениот дом – жив штит. Џиповите од Струга не можеа да поминат. Полицијата беше запрена. Тоа беше политичка афера, но и чин на чист отпор – колку што траеше отпорот, толку траеше и борбата на народот – вели Васил.

Вевчани – моментот кога системот затаи…

Вевчани, вели Васил беше првото место во современа македонска историја каде што системот целосно затаи.

-Причината? Еден апсурден план – некои од т.н. „црвена буржоазија“ сакаа да градат базени во Елен Камен. Тоа беше и инстинктивен и културолошки одговор на заедницата. Борба не само за водата, туку и за подобра здравствена станица, за достоинствен живот. За свест. Суштината е токму таа: бунт против трулиот систем. Иако СФРЈ и тогашна СР Македонија имаа закони кои дозволуваа право на протест, ние видовме што значи кога тие не се почитуваат – вели тој .

Гласот за Вевчани прв го слушна светот од Сараево

Првата објава дека нешто се случува во Вевчани, на 7 август, ја напишал новинарот Жарко Рајковиќ. Србин, новинар на „Дело“, дојден од Белград. Првично бил таму по повод 26 мај – првата интервенција. Но во јули, случајно, се затекна и за време на втората акција. Тогаш на светот му стана јасно: во Вевчани има насилна интервенција. Тој објави текст со детали за специјалната полиција, кучињата и отпорот на народот.

-Од тој момент, ние како печалбари – и во Сараево, и на други места – се мобилизиравме. Ја активиравме цела југословенска јавност. Пишувавме до медиуми во Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Косово – никого не изоставивме. Единствено, македонските медиуми… таму беше најтешко. Македонските медиуми во почетокот водеа вистинска Гебелсова пропаганда. Целта беше – да нè прикажат како некои диваци, недостојни за внимание. Во позадина одеа слики од стари жени, испотени, во ноќници… Се создаваше слика дека сме некое индиско племе, а не луѓе што само ја бранат својата вода. И ден-денес, тој наратив кај некои луѓе остана како впечаток- вели Васил.

Телеграмата што го потресе системот

Мора да ја споделам и оваа анегдота, ја почнува приказната Васил и продолжува- Со Мишо Србакоски – неговиот брат е Крсто– се најдовме во Сараево. Тој беше во Идрижа, јас во хотел Бристол. Телефонската линија слаба, ама Вевчани имаше подобро покривање од Скопје. Се договоривме да испратиме телеграма до сите општествено-политички организации во Југославија – и федерални и републички. Мишо го напиша текстот. Пишуваше со голема емотивност, скоро поетски. Човек не можеше да не се наежи од она што го опишуваше. Ги повикавме другите Вевчанци, дадоа согласност. Направивме 50 примероци. Немаше фотокопир – сè беше на гештетнер. Отидовме во пошта 2 во Сараево. Службеничката ја прочита телеграмата – и почна да плаче. Рече: „Не можам ова да го пуштам. Ќе повикам шеф. Доаѓа шефот, ја чита, и само вели: „Ова оди веднаш. Ќе ги блокирам сите телепринтери. Ќе ја пуштам по перфорирана лента. Тоа беше како атомска бомба. Телеграмата удри. Попладнето ја испративме, вечерта веќе ни се јавија од ‘Борба’. Марјстела Лучиќ закажа интервју. Поентата: печалбарите од Вевчани, од Сараево, ќе го преземат штрајкот. Да. Тоа беа времиња кога бевме млади. Млади – но знаевме што е чесно. Што значи достоинство. И дека никој нема право да ја земе водата од еден народ – ја завршува својата приказна Васил.

Вевчанскиот отпор не беше само локален инцидент – беше почеток на нешто поголемо. Во 1991 година, Вевчани прогласи симболична Република, со сопствени пасоши и валута. Денес, Вевчани е не само туристичка атракција, туку и жив споменик на граѓанската храброст. Жените од Вевчани остануваат симбол на отпор, достоинство и љубов кон заедницата.

Васло Лазаервски

Адријана Георгиев

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни