Обновливите извори на енергија за првпат во 2025 година произведоа повеќе електрична енергија од фосилните горива во Европската унија, покажуваат податоците објавени на 21 јануари. Овој пресврт ја потврдува континуираната транзиција на Унијата кон нискојаглеродна енергија, и покрај отпорот од одредени влади.
Според податоците на енергетската аналитичка организација Ember, ветерната и сончевата енергија учествувале со 30 проценти во вкупното производство на електрична енергија во ЕУ во 2025 година, додека фосилните горива, вклучувајќи јаглен, гас и нафта, учествувале со 29 проценти.
Зголемувањето на капацитетите на соларните електрани од 19 проценти го надоместило падот на производството од хидроелектраните, предизвикан од сушите, додека производството на електрична енергија од гас се зголемило за осум проценти.
Вкупниот удел на нуклеарната и обновливата енергија заедно достигнал 71 процент од вкупното производство на струја во ЕУ. Уделот на јагленот паднал на рекордно ниско ниво од 9,2 проценти, при што Германија и Полска забележале најниски историски нивоа на употреба на овој енергенс.
И покрај силниот раст на чистата електрична енергија, Европската унија се соочува со сериозни предизвици во инвестирањето во електроенергетските мрежи. Поради ограничувањата на мрежната инфраструктура, производителите на ветерна и сончева енергија повремено се принудени да го запрат производството за да спречат преоптоварувања, што дополнително влијае врз цените на струјата.
Експертите од Ember ја повикаа ЕУ на зголемени инвестиции во електроенергетските мрежи и батериските капацитети, со цел стабилизирање на цените и поефикасна испорака на обновливата енергија до потрошувачите.
