Вештачката интелигенција веќе е тука — дали сме подготвени за новата револуција?

Вештачката интелигенција не е веќе иднина — таа е сегашност што го менува секој аспект од нашето општество. Од економијата и јавните политики, до културата и уметноста, ВИ станува новата оска на продуктивноста и креативноста. Двајца експерти од тинк-тенкот „Интелигентна Хумана Иднина“ нудат длабински увид во оваа трансформација што веќе се случува.
дизајн: AI и Бојси

Во новиот серијал на Трн посветен на пенетрацијата на Вештачката интелигенција во речиси сите сфери на општеството, ги разгледуваме промените што со себе ги носи ВИ низ различни призми — од лабораториите и образованието, до модата, културата и јавните политики. Први во овој циклус се мислите на двајца членови на тинк-тенкот „Интелигентна Хумана Иднина (I-HI), Тони Поповски и Валентин Нешовски, кои нè воведуваат во новата технолошко-индустриска и културна револуција што веќе живее меѓу нас.

Во светот што забрзано ја губи јасната линија меѓу дигиталното и човечкото, вештачката интелигенција (ВИ) веќе не е само технолошки тренд, туку структурна промена на цивилизацијата. Таа станува новата оска на продуктивноста, новиот нервен систем на индустриите, но и новиот медиум преку кој уметноста ја преиспитува својата суштина.

Мнозина се загрижени што ќе се случува со работните места кои може да бидат заменети со Вештачката интелгиенција, со филмската индустрија во која учеството на луѓето може да биде сведено на минимум или воопшто да не постои, загрижени за иднината на човештвото и неговата хуманост воопшто.

Во Македонија, оваа тема сè уште звучи како научна фантастика, како некоја можна иднина чии контури ни се сѐ уште матни и не ги распознаваме деталите, но иднината е денес, веќе започна и не изгледа дека ќе биде само краток тренд туку нова парадигма која се случува без разлика дали некој го сака или одобрува тоа. Слично како парната машина во индустриската револуција од 18. век, Вештачката интелигенција носи радикални промени во услугите и  производството, било да е креативно или индустриско.

Тинк-тенкот I-HI, кој ја промовира етичката, инклузивна и хумана употреба на ВИ, станува еден од ретките гласови што размислуваат системски за оваа трансформација. Според нив: „Вештачката Интелигенција не е ниту непријател, ниту неизбежна сила —таа е алатка, а нејзиниот ефект зависи од тоа како ќе ја обликуваме. Нашата мисија е да обезбедиме ВИ да го унапредува општеството, да ги штити човековите права и да ги намалува нееднаквостите, наместо да создава нови предизвици.“

Тони Поповски и Валентин Нешовски, се истакнати професионалци и автори кои иако имаат различни професионални контексти зборуваат за истата суштина: дека вештачката интелигенција не е само технологија, туку огледало во кое општеството ќе се види такво какво што е — подготвено или неподготвено за сопствената иднина.

Тони Поповски е долго време професионално ангажиран околу системските решенија на појави и процеси кои директно влијаат врз животот во општеството, оттаму прашањето за него беше: Како поранешен министер и човек со долгогодишно искуство во јавните политики, дали мислите дека државата има капацитет да ја препознае и насочи оваа „нова технолошко-индустриска револуција“, или пак ќе ја пропуштиме како и многу претходни развојни шанси?

Тони Поповски

Тони:„Прво, би сакал да истакнам дека ова прашање е стратешко за државата поради трансформативната моќ на ВИ и големата динамика на интеграцијата на ВИ во различни сектори и поради тоа треба да се постави високо на агендата на Владата и Собранието. Повеќе од евидентно е дека ВИ го трансформира глобалниот пазар на начин што во моментов, економските активности поврзани оваа технологија директно влијаат на создавање на 8 – 9 % од глобалниот БДП со проекција за удвојување до 2030 година. Практично, годишната динамика на учество на економските активности засновани или поврзани со ВИ особено од 2023 година наваму, расте со минимум 1.2% годишно. Би рекол дека повеќе од пожелно е да го прилагодиме нашиот економски и развоен модел на овој тренд, не само со цел да не бидеме затекнати туку да се обидеме со еден проактивен пристап да извлечеме максимум во едни многу динамични околности. Сведоци сме и дека постепено се зголемува влијанието на примената на ВИ врз пазарот на труд, каде доколку навреме не се примениме соодветни – активни мерки, може да се соочиме со сериозни негативни последици.

Сето ова упатува на итна потреба од партиципативно формулирање и носење на Национална стратегија за ВИ, како политика која ќе осигура раст но истовремено и хумана и етичка примена на оваа трансформативна технологија. Или со други зборови, да воспоставиме рамка на легислатива и политики кои ќе овозможат поеднаков пристап до оваа технологија, нејзина ефикасна примена заедно со ефективен надзор, а притоа оптимизирајќи ги економските и поврзаните социјални придобивки. Првата иницијатива кај нас за пометодичен пристап кон овие предизвици преку носење на соодветна стратегија датира од 2021 година. Истата е рефлектирана во Националната ИКТ стратегија 2023 – 2027 и реафирмирана во Националната развојна стратегија 2021 – 2041. Откако ќе се донесе оваа политика, би се пристапило кон создавање на регулатива за примената на ВИ, и притоа не мораме да измислуваме решенија туку во најголема можна мерка треба да се усогласиме со регулативата за ВИ на ЕУ које е донесена во август, 2024 година, со предвидена целосна примена до август 2026 година.

По однос на капацитетот на државата, ние имаме Министерство за дигитална трансформација во чиј делокруг на надлежност се вклопува подготовка на една ваква политика, но притоа во предвид треба да се има мултисекторскиот карактер на примената на ВИ и препорачливо е да се води целосно инклузивен процес на нејзина подготовка.  Впрочем ова е и една од клучните препораки на Тинк Тенкот „Интелигентна Хумана Иднина/ И-Хи“, чиј соосновач сум.

Клучниот ризик за нас е поврзан со потенцијално запоставување на сопствената експертиза, која постои во ИКТ секторот кај нас, а кој е динамичен и витален и притоа со континуиран засилен придонес за нашиот економски раст. Во оваа смисла, и потребата од директна поддршка на државата на овој сектор со цел да се зачува оваа позитивна динамика. Притоа, треба да имаме во предвид дека ВИ како нова технологија можеби најдиректно го трансформира овој сектор, каде што професионалците се повеќе се ориентираат од стандардно кодирање поврзано со дигитализација и автоматизација на процеси кон подготовка на нова генерација на апликации со ВИ во позадина. Ова е и глобален тренд во моментов но истовремено и огромна шанса за нашите експерти да создаваат иновативни и компетитивни решенија кои може да се надградат и реплицираат глобално.

ЕУ го има препознаено не само нашиот потенцијал на ИКТ секторот туку и поврзаните предизвици и врз таа основа ја подготви програмата „Фабрички антени за ВИ“ со цел да ги поврзе нашите капацитети (компании, истражувачки центри и универзитети) како регион, со европските фабрики за ВИ како високотехнолошки центри кои развиваат и тренираат алгоритми, јазични модели и системи за анализа и симулации. На овој начин би се надминал нашиот клучен дефицит и слабост во немање на соодветен пристап кон напредни модели на ВИ, суперкомпјутери и други дигитални ресурси кои се на располагање во ЕУ. Истовремено ваков и слични проекти најдиректно ја зголемуваат конкурентноста не само на нашиот ИКТ сектор туку и на другите економски сектори во кои преку примена на ВИ би се зголемила продуктивноста и квалитетот на продуктите. Не помалку значајно е низ вакви проекти да го задржиме нашиот “талент“ – младите инженери и истражувачи во земјата, овозможувајќи да работат кај нас, на проекти со висока додадена вредност.

Како надградба на одговорот на претходното прашање, и тука е битно да се напомене дека мора да создадеме овозможувачка средина – соодветна институционална и нормативна рамка која ќе го забрза воведувањето на ВИ во системите кои испорачуваат јавни услуги и во реалната економија, од земјоделство, до индустрија и енергетиката. Ако успееме да создадеме сопствени решенија, компатибилна и ефикасно поврзана инфраструктура со таа на ЕУ, и доколку го негуваме и унапредуваме постоечкиот и создаваме нов талент, ќе преминеме од улога на обични корисници во креатори на вредност, што е клучно за нашиот економски и севкупен одржлив развој.“

Валентин Нешовски го прашавме за влијанието кое ВИ го има и ќе го има врз културните процеси и појави: Вие често зборувате дека ВИ не е само технологија, туку нова културна парадигма. Каде ја гледате границата меѓу креативноста на човекот и интелигенцијата на машината?

Валентин Нешовски

Валентин: Не можеме да зборуваме за класична граница, барем за културните производи. Границата во моментов е заматена, порозна. Вештачката интелигенција, лесно како по пат на осмоза влегува во културата и уметноста во сите гранки, литературата, музиката, електронските визуелни уметности, креативните индустрии, воопшто. Се разбира човештвото сè уште ја води ВИ 10:1 креативна смисла,  но се прашувам, а ова се и редовни разговори во моите кругови, дали таа креира нешто ново, нова вредност. 

Доминираат два става – ВИ не прави ништо туку само комбинира, реструктуира и пласира и вториот кој поаѓа од поентата „И луѓето стојат на рамењата на своите претходници – We are standing on the shoulders of giants” односно дека ВИ е тој нов ентитет што ги користи претходните знаења и творештвото на човекот па многу вешто и брзо креира нови продукти. Во науката и технологијата е лесно, се знае дека ВИ креираше 300 илјади нови материјали и тоа е емпириски податок. Во уметничка смисла е тешко да се процени. Но како што и човештвото произведува шунд, така природно е и ВИ да произведува конфекциска буфл стока. Сепак извесно е дека дава и ќе дава врвни дела. Веќе гледаме неверојатни светови креирани со помош на ВИ на пример во сајбер панкот и во сај – фај визурите, или во музиката веќе се зборува за AI-Generated EDM (Electronic Dance Music) и за AI-generated Ambiental Music. 

Точно ја лоцирате суштината – прашањето е во креативноста. Вo теоријата има две школи. Според едната –  креативноста е процес на спојување претходно неповрзани идеи во нови комбинации, а другата –  креативноста е процес на имање оригинални идеи што имаат вредност. Гледате во првата отсуствува зборот „оригиналност“. На пример и истражувачите на ВИ имаат дебата околу ова. Нобеловецот и шефот на Дип Мајнд, Демис Хасабис вели дека ќе смета дека сме достигнале Генерална вештачка интелигенција (ГВИ) во моментот кога ВИ ќе биде оригинална па ќе измисли некоја нова „теорија на релативитет“ како онаа на Ајнштајн или комплетно нова игра како шах или го, а не само да ги игра нив. 

Така што, полето за размислување е големо. Секако има нова културна парадигма, но засега нема граница. ВИ се потпира на човечката парадигма. Засега! 

Во моментов ВИ го има оној позитивен Хало (ореол) ефект формулиран од Едвард Торндајк, заводлива е, интересна, таа е лесна „уметничка четка“ за производство на безброј „уметнички дела“. Дури и во книжевноста, според моите искуства, таа може да го репродуцира и пишува на пример во стилот на Буковски, Адамс, Шопов или Керуак, но ако ја оставите сама, пишува безвезе, плитко, празно. Но, еден од гениите на ВИ, Мо Говдат вели дека пишува книги заедно со специјализирана ВИ. Може да се постави и прашањето – кога ВИ создава дело инспирирано од Буковски, кому му припаѓа тој глас – на машината, на авторот, или на архетипот на човечката уметност што машината го симулира? 

Да заклучам, рано е да зборуваме за културолошки подлошки, трендови или за оригинални парадигми. Во оваа сфера ќе мора човештвото да одлучи – вреди ли тоа што ВИ го прави во уметничка смисла. Културата може да биде дополнета, таа во принцип е отворен, бел канвас и не исклучува туку апсорбира различни бои и палети.“

Интелигентна хумана иднина

Нешовски и Поповски зборуваат со иста рационална мирнотија што ја карактеризира I-HI – идејата дека интелигенцијата, без разлика на обликот, мора да биде насочена со етика, визија и јавна свест. Тоа не е прашање на техничка писменост, туку на зрело општество што ја препознава својата одговорност кон иднината.

Вештачката интелигенција е веќе дел од нашата реалност. Прашањето не е дали ќе ја користиме, туку дали ќе знаеме да ја користиме човечки и за добро на глобалната човекова заедница.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни