Halloween и вештерките меѓу нас – гласни и слободни!

Во секоја од нас која не се плаши да ја каже својата вистина гласно, живее една вештерка која одбива да биде покорна на општествените норми и традиционалните вредности. Денес, ние не бегаме од огнот, ние го палиме. И тоа е нашата магија.

Денес вештерките со костуми и големи капи се симбол на забава, мистерија и моќ. Пред неколку века, тие биле симбол на страв и зло. Да се биде различна во тоа време била доволна причина да се заврши на клада. Мрачна вистина за тоа како општеството се однесувало кон жените кои биле поинакви, гласни или премногу слободни за своето време.

Во 1486 година била објавена книгата „Malleus Maleficarum“ („Чеканот на вештерките“), напишана од двајца инквизитори. Таа ја легитимирала омразата кон жените и станала прирачник за нивен прогон. Зад обвинувањата немало докази, имало само страв, суеверие и желба за контрола.

Најчесто за вештерки биле прогласувани сиромашни жени, вдовици, жени кои одгледувале билки за лекови, но пред се оние жени кои зборувале гласно и не се покорувале. Жени кои имале свое мислење, биле храбри и пркосни, кои не се плашеле да ја кажат својата вистина. Вештерството било изговор за да се казнат токму тие.

Свештениците не се плашеле од магијата, туку од слободата на овие жени. Од нивниот храбар поглед и одбивањето да ја прифатат туѓата вистина. Казната за гордоста била сурова, вештерките ги палеле јавно на плоштадите.

Вештерките во нас

Денес, пет века подоцна, вештерките се сè уште тука. Денес тоа се жените кои се гласни, емотивни, арогантни, своеглави и слободни. Наместо вештерки ги викаат феминистки, неморални, амбициозни, успешни, своеглави…Истите зборови, само во нов век и пофинo спакувани.

Во секоја од нас која не се плаши да ја каже својата вистина гласно, живее една вештерка која одбива да биде покорна на општествените норми и традиционалните вредности.

Секој пат кога ја слушам интуицијата повеќе од правилата, јас сум вештерка. Кога зборувам гласно наместо да премолчам. Кога одбирам да се покорам на туѓиот страв. Кога се спротивставувам наместо безусловно да прифатам се. Кога бирам да сум различна за да бидам своја…Кога велат дека сум дрска, за да не признаат дека сум во право. Секогаш кога не сум покорна, послушна и тивка јас сум вештерка.

Магијата на денешните вештерки не е во чаевите од билки, туку во храброста да се спротивставиме на сѐ што не е дел од нас. На сѐ што ни се наметнува. Магијата е во тоа што веруваме во сопствената моќ и во силата на нашите гласови. Во моќта да го менуваме светотот околу нас, дури и кога тоа се чини невозможно. Да создаваме нови светови и нови правила кои ќе ни дадат слобода. Да ја прифатиме својата различност затоа што во неа лежи убавината.

Денес, ние не бегаме од огнот, ние го палиме. И тоа е нашата магија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни