Вештачките засладувачи можат да го забрзаат стареењето на мозокот

Консумацијата на вештачки засладувачи, како аспартам и сахарин, може да доведе до 62% побрз когнитивен пад, според нова студија.

Консумацијата на вештачки засладувачи, како што се аспартам и сахарин, кои често се користат во нискокалорични пијалаци и десерти, може да има долгорочни последици по мозокот, покажува нова студија објавена во медицинското списание на Американската академија за неврологија.

Луѓето кои консумираат најголеми количини на овие засладувачи покажуваат побрз пад на когнитивните функции – вклучувајќи размислување и меморија – споредено со оние кои консумираат најмали количини. Според резултатите, падот е приближно 62% побрз, што е еквивалентно на околу 1,6 години биолошко стареење на мозокот.

„Нискокалоричните и безкалорични засладувачи често се сметаат за здрава алтернатива на шеќерот, но нашите резултати сугерираат дека некои од нив може да имаат негативни ефекти врз здравјето на мозокот со текот на времето“, изјави авторката на студијата Клаудија Кими Суемото, доцент на Универзитетот во Сао Пауло, Бразил.

Студијата опфати речиси 13.000 возрасни во Бразил, со просечна возраст од 52 години. Истражувачите ги следеле учесниците во просек 8 години, тестирајќи им ја меморијата, јазичните способности и размислувањето на почетокот, средината и крајот на студијата.

Учесниците биле поделени во три групи според количината на внесени вештачки засладувачи. Групата со најнизок внес просечно консумирала 20 mg дневно, додека оние со највисок внес консумирале во просек 191 mg дневно – што е приближно количината на аспартам што се наоѓа во една конзерва диетален газиран пијалак.

Истражувањето се фокусираше на конкретни засладувачи: аспартам, сахарин, ацесулфам-К, еритритол, ксилитол, сорбитол и тагатоза. Сите биле поврзани со побрз когнитивен пад, освен тагатозата, кај која не е пронајдена таква врска.

Врската помеѓу падот на мозочните функции и консумацијата на засладувачи била поизразена кај лицата со дијабетес отколку кај оние без дијабетес. Иако ефектот бил присутен и кај лица со и без дијабетес на средна возраст, дијабетичарите почесто користат засладувачи како замена за шеќер.

Сепак, кај учесниците постари од 60 години не била утврдена поврзаност меѓу когнитивниот пад и консумацијата на засладувачи.

Овие наоди не се изненадување, бидејќи научната и медицинската заедница веќе подолго време дискутира за потенцијалните негативни ефекти на вештачките засладувачи. Претходни истражувања веќе укажуваат на поврзаност со зголемен ризик од дијабет тип 2 и кардиоваскуларни заболувања. Дополнително, Меѓународната агенција за истражување на рак го класифицира аспартамот како „можен канцероген за луѓето“.

Сепак, студијата има свои ограничувања. Се базира на податоци за исхраната што учесниците сами ги пријавиле, и анализира само одредени засладувачи. Исто така, укажува на поврзаност, но не докажува директна причина и последица.

Во Европската Унија, секоја алтернатива на шеќер мора да помине безбедносна проценка пред да се пушти во продажба, а нејзиното присуство мора да биде јасно наведено на етикетата на производот. Европската агенција за безбедност на храна (EFSA) моментално врши повторна проценка на сите засладувачи кои биле одобрени пред јануари 2009 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни