И покрај ветувањата, вештачката интелигенција не успеа да го забрза гаснењето на пожарот во кој до сега изгореа повеќе од 7.700 хектари површина во Лос Анџелес. Се покажа дека вештачката интелигенција не може да и конкурира на Мајка Природа.
По разорните пожари во Калифорнија во 2022 година, гувернерот Гавин Њусом најави низa нови иницијативи за ублажување на идните катастрофи. „Вклучуваме најмодерна технологија во нашите напори за борба против пожарите, истражувајќи како иновации како што е вештачката интелигенција можат да помогнат побрзо да ги препознаеме заканите и поумно да ги распределиме ресурсите“, објасни Њусом.
Идејата е едноставна: да се обучи модел на вештачка интелигенција да анализира видео снимки за да открие знаци на пожар што се појавуваат. И да го извести човечкиот тим кој може да го изгаси пожарот пред да прерасне во катастрофа.
Проблемот со силниот ветер
Меѓутоа, како што покажа пожарот во Палисејдс, тоа не е така едноставно. Особено кога временските услови се екстремни, како што беше случајот оваа недела. Пожарот во Палисејдс дополнително беше поддржан од ветерите Санта Ана, кои достигнаа брзина поголема од 160 км/ч.
„Проблемот е што под овие услови имате можеби 60 секунди од моментот кога пожарот ќе започне до моментот кога ќе стане неконтролирано“, вели Даниел Свен, климатолог од Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес, за Forbes.
Од летото 2023 година, Cal Fire, државната агенција за превенција и одговор на пожари, се потпира на огромна мрежа од повеќе од 1.100 видео камери низ целата држава. Таа е позната како ALERTCalifornia и камерите помагаат на AI системот, кој е развиен на Универзитетот на Калифорнија во Сан Дијего. Изминатата година, AI алатката открила најмалку 1.200 пожари низ државата и била побрза од традиционалните пријави на бројот 911 во 30% од овие случаи. (Податоците за 2024 година сè уште не се објавени.)
Тешко е, ако не и невозможно, да се процени дали оваа AI технологија била корисна во спречување на ширењето на потенцијално деструктивни пожари.
„Навистина е тешко да се квантитизираат пожарите кои не се случиле“, вели Дејвид Акунја, портпарол на Cal Fire, за Forbes. „Но, можам да ви кажам дека податоците од ALERTCalifornia се исклучително корисни. Ги користевме во обуките за понашањето на пожарите.“
Штетата се мери во десетици милијарди долари
Стручњаците истакнуваат дека, иако раното откривање генерално е корисно, пожарот во Палисејдс — поддржан од необично силни ветрови и екстремно суви услови — прераснал во премногу голем пожар пред камерите со AI системот да направат значителна разлика.
„Сите пожари почнуваат како мали, но кога силните ветрови од 100-160 км/ч ги распламтуваат, а кога преминуваат од трева и грмушки на куќи исполнети со нафтени производи, станува невозможно да се контролира“, додава Акунја.
Пожарот во Палисејдс се нарекува најразорниот пожар во историјата на округот Лос Анџелес. Аналитичарите од Вол Стрит предвидуваат дека штетата ќе изнесува десетици милијарди долари. До петок наутро, Cal Fire пријавил дека повеќе од 9.000 домови и други објекти се оштетени или уништени. И повеќе од 150.000 луѓе се под наредби за евакуација низ централната градска област на Лос Анџелес.
Џош Вилкинс, кој скоро 30 години работел како пожарникар во округот Сан Бернардино, а сега е дел од стартапот BurnBot кој развива технологија за борба против пожарите, работел на раните верзии на овој систем. Тој за Forbes вели дека AI за детекција на пожари сега е многу подобар сојузник отколку порано, но тоа не е доволно.
„[AI камерите] се алатка што можеме да ја користиме, но има толку многу други работи што треба да ги направиме за да ги запреме шумските пожари“, истакнува Вилкинс.
„Не можеме да ги елиминираме ветерите. Никогаш нема да ги промениме ветровите Санта Ана. Тоа нема да се промени. Ниту пожарникарски камион, ниту било кој друг не може да направи нешто за тоа.“
Cal Fire проценува дека пожарите во Палисејдс и Итон, во областите на Пасадена, веќе се меѓу петте најразорни во историјата на Калифорнија. Самата Калифорнија троши повеќе од три милијарди долари годишно на борба против пожарите. На федерално ниво, милијарди долари се трошат за борба против шумските пожари низ целата земја.
Инвестирање во стартапи и превенција на пожари
Во последниве неколку години се појавија многу стартап компании, како и инвестициони фондови фокусирани на технологија за превенција и ублажување на пожарите. Еден од нив е Convective Capital, инвестициона фирма посветена на технологијата за борба против пожарите. Во ноември беше основана нова група наречена „Здружение за иновации во технологијата за борба против пожарите“, која ја започнаа лидерите на Convective Capital и непрофитната организација Megafire Action.
Системот за детекција на пожари преку вештачка интелигенција не е без успех. Пожарникарите на округот Оринџ (OCFA), јужно од округот Лос Анџелес, објави дека во декември користеле систем за детекција и гасење пожар во оддалечена област позната како Black Star Canyon, источно од градот Оринџ.
„Со помош на оваа рана детекција, OCFA диспечерите ја започнаа реакцијата на шумскиот пожар. Нашите впожарникари го ограничиле пожарот исполнувајќи го целта на OCFA да 95% од вегетациските пожари ги ограничи на четири хектари или помалку“, соопшти агенцијата на 3-ти јануари. „Ниту еден дом или објект не беше оштетен, немаше повреди, ниту беше потребно да се спроведе евакуација“.
Извор Форбс