Вештачката интелигенција веќе е на бојното поле – но дали човекот ќе ја задржи контролата?

Вештачката интелигенција веќе се користи во воени операции, од анализа на податоци до избор на цели. Експертите предупредуваат дека без јасни правила нејзината употреба може да ја зголеми опасноста од ескалација и цивилни жртви.

Додека конфликтот меѓу САД, Израел и Иран се заострува, паралелно се води уште една важна дебата – како и до каде смее да се користи вештачката интелигенција во војување.

Вештачката интелигенција веќе има улога на бојното поле, особено во анализата на разузнавачки податоци, управувањето со дронови и изборот на потенцијални цели. Но, експертите предупредуваат дека недостигот од јасни правила и меѓународни ограничувања носи ризик од ескалација на конфликтите и поголем број цивилни жртви.

Американската војска веќе користи системи базирани на големи јазични модели за административна поддршка, анализа на информации и помош при донесување одлуки во воени операции. Еден од таквите системи е „Мејвен Смарт Систем“, кој обработува сателитски и други снимки и предлага тактички цели, што може значително да го забрза темпото на нападите. Според извештаи на американски медиуми, вакви технологии биле користени и во претходни конфликти, како и во неодамнешните напади врз Иран.

Сепак, експертите предупредуваат дека вештачката интелигенција не е непогрешлива. Иако теоретски би можела да ја подобри прецизноста на нападите, искуствата од војните во Украина и Газа покажуваат дека бројот на цивилни жртви останува висок и покрај употребата на напредни алгоритми.

Дополнителна расправа предизвика спорот меѓу американското Министерство за одбрана и компанијата „Антропик“, која развива модели на вештачка интелигенција. Компанијата одбила да ги отстрани безбедносните механизми што спречуваат масовен надзор и целосно автономно смртоносно оружје, иако договорот со Пентагон вреди околу 200 милиони долари.

Во меѓувреме, меѓународните обиди за регулирање на воената употреба на вештачката интелигенција напредуваат бавно. Експертска група во Женева, во рамки на Конвенцијата за одредени конвенционални оружја, дискутира за можни правила и принципи што би ја ограничиле употребата на оваа технологија во војување, но глобален договор сè уште е далеку.


е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни